Во полн ек се подготовките на дечињата за веќе традиционалните бадникови поворки, а на две недели до Божик од Здружението ,,Бадникови поворки” информираат дека оваа година поворките ќе се одржат под мотото ,,Почувствувај радост”.
Катерина Левкоска која е координаторката за Прилеп од здружението “Бадникови поворки”, вели дека оваа година пријавени се околу 200 дечиња, но очекуваат нивниот број да се зголеми на последната проба.
-Поворката започнува од Камената бина во 10:00 часот на 06.01.2024 каде што децата ќе ги отпеат песничките ,,Вечниот Бог”, ,,Тропар на Рожденство Христово” и ,,Кондак на Рожденство Христово”. Тука дечињата ќе бидат пречекани од градоначалникот на Прилеп, г-динот Борче Јовчески кој симболично ќе ги дарува. Пеејќи ја ,,Вечниот Бог”, поворката продолжува кон уличките низ старата чаршија, потоа се враќаме до божиќната пештера во центарот на градот и се упатуваме кон најблискиот храм, црквата Св. Кирил и Методиј (Параклис). Децата во поворките ги симболизираат ангелите што го најавуваат Христовото Раѓање, а ѕвездичките што радосно ги веат над своите озарени лица се водилка кон местото каде што се раѓа Богомладенецот. Симболично прикажано, кај нас тоа е патот до божиќната пештера во која е претставен целиот настан на Христовото Раѓање – Божиќ. – истакна Левкоска