Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека ќе ги поддржи измените и дополнувањата на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, што се во собраниска процедура.
Измените и дополнувањата, укажува пратеничката група, предвидуваат нов рок за поднесување барање за утврдување правен статус на бесправните објекти изградени заклучно со 3 март 2011 година, односно до истиот период кој важи и за објектите за кои се поднесени предходните барања, поради барањата на граѓаните кои не успеале да поднесат барање во предходниот утврден законски рок. Се утврдува рок за доставување на геодетски елаборати за новите барања до 31 декември 2017 година, а за објектите за кои претходно е поднесено барање за утврдување правен статус, се продолжува рокот за доставување елаборати, кој истекува оваа година и како краен датум се утврдува 31 декември следната година.
– Предложените измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти ќе придонесат за спроведување на постапките за утврдување правен статус на секој бесправен објект и токму затоа како пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека на овој начин дополнително се излегува во пресрет на сите граѓани кои што досега не успеале да поднесат барања во некои од предходните рокови кои што ги предвидуваше овој закон, соопшти денеска пратеничката група на ВМРо-ДПМНЕ.
Новите измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, истакнува пратеничката група, исто така овозможуваат можност за легализација на бесправни објекти изградени на приватно земјиште. – Ова значи дека со стапување во сила на овој закон, сопственикот на дивоизграден објект ќе може да го легализира објектот на земјиштето што е во туѓа, односно друга приватна сопственост доколку во моментот на изградбата на објектот земјиштето било во сопственост на Република Македонија, се вели во соопштението.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека максимално ќе го поддржи овој закон бидејќи смета оти со легализацијата на бесправно изградените објекти досега се решија многу проблеми на граѓаните, односно се овозможи граѓаните да се стекнат со документ кој ја гарантира сопственоста на нивните домови и други видови на објекти.
– Продолжувањето на рокот за легализација на бесправно изградените објекти дополнително ќе допринесе секој оној кои што досега не успеал да поднесе барање тоа сега да го стори. Како пратеници исто така апелираме до сите граѓани, откако овие измени и дополнувања ќе стапат на сила, истите да ги искористат и да ги решат засекогаш проблемите со кои што се соочувале со години поради нелегализираните објекти. Како пратеници кои што ги браниме и застапуваме интересите на граѓаните на Република Македонија горди сме што токму овој проек досега овозможи да бидат доставени 360.000 барања за легализација, од кои 175.000 се поднесени елаборати, додека 135.500 барања се запишани во катастарот и се легализирани, се вели во соопштението.