Поддршката на фирмите е субјективна, нетранспарентна, a недостатокот на контролен механизам создава плодна почва за корупција

Македонија ги живее најтешките денови во економијата од своето осамостојување до денес, а граѓаните преживуваат наместо да живеат. Замрзнатите цени и одмрзнатите даноци дополнително ја зголемуваат тешката економска состојба во која се наоѓа државата. Меѓународните финансиски организации веќе ги намалија очекувањата за раст во периодот што следи. Истражувањата и анализите укажуваат дека економската состојба и финансиската непредвидливост се помеѓу најважните причини поради кои цели семејства бегаат од државава во странство.

Во денешната анализа разговараме со Анастасија Илиеска, поранешен директор во Управата за јавни приходи и Државен секретар во Министерството за внатрешни работи. Во разговорот таа забележува дека после скоро седум години практикување власт очигледно е дека владата нема цел, визија и стратегија како да се справи со економските предизвици. Поддршката на фирмите е субјективна, нетранспарентна, a недостатокот на контролен механизам создава плодна почва за корупција.

На почетокот на разговорот Илиеска вели дека инфлацијата во Македонија е регистрирана уште пред почетокот на војната во Украина за која причините се домашни, а дополнително состојбите од надвор кои во комбинација се причинители за повисоки цени на сите производи и услуги. Ако цената на енергијата се зголемува, очекувано е дека како влезен чинител ќе ја зголеми крајната цена на секој производ и услуга, нагласува таа и додава дека со оглед на тоа што во поширокиот регион имаме една од највисоките стапки на инфлација тоа доволно укажува дека мерките и одлуките за контролирање и намалување на истата се неуспешни, козметички и маркетиншки и не ги даваат посакуваните и очекуваните резултати.

Илиеска потенцира дека за време на кризна состојба логично е владата да биде ориентирана кон поддршка и стимулација на приватниот сектор, со цел тој да генерира поголем раст и преку остварување поголеми приходи, обврските што ги имаат кон државата се поголеми.
„На тој начин државата остварува поголеми приходи во буџетот, но наместо тоа владата одлучи да спроведе даночна реформа која е товар за плаќачите на данок, а справувањето со неформалната економија поточно сивата економија е третина од целата економија во земјава“, забележува Илиеска.

Притоа таа во разговорот нагласува дека даночна реформа која е базирана на укинување на ослободување од данок на добивка на правните лица кои ја реинвестираат добивката и на зголемување даночни стапки на производи за прехрана, како и на воведување на нови даноци е реформа која не стимулира поголем раст.
Со неа разговаравме и за тоа каде греши влада во спроведување на даночните и економски реформи и во овој дел Илиеска вели дека создавањето на економски позитивна околина во која фирмите и граѓаните ќе чувствуваат сигурност, предвидливост и одржливост е состојба која изминативе години изостанувала поради постојаното ретерирање во одлуките на Владата.

„Реформите и одлуките потребно е да бидат насочени кон поттикнување на инвестиции, оплодување на капиталот, мотивирање за поддршка на спорт, талентирани ученици и општо корисни дејности. Се што годиниве наназад увидовме беше во обратна насока“, вели Илиеска
„Несогледувањето на состојбите кои следат и недонесување навремени одлуки и суштински мерки со цел превенирање на состојбите во кризни и пост кризни периоди се причина поради која состојбата во економијата во државата е катастрофална“, додава Илиеска.

Таа забележува дека од лошите економски политики на државата, предвидениот раст на БДП за 2023 година е најнизок во регионот, што се потврдува со корекцијата на Светската банка, но и Народна банка ,како и предвидувањата за следната 2024 година.

Но, колку владата има капацитет за решавање на економските прашања?

Поранешниот државен секретар во
Министерството за внатрешни работи и Директор на Управата за јавни приходи вели дека решавањето на било кој проблем е процес кој треба да создаде позитивни резултати и во никој случај да не создава нови проблеми .

„На пример со актуелното решение за зголемување на минималната плата се направи спротивното, се генерираше максимален хаос. Владата реши проблем со кој создаде дополнително еден куп други проблеми кај работниците како во јавниот,така и приватниот сектор за што се гласни реакциите од синдикатите, фирмите, работниците. Високи претставници на владата посочуваат дека основната плата ќе се усогласува со трошоците за живот, а од друга страна истовремено се укинуваат колективни договори каде што веќе постоело тоа усогласување“, вели Илиеска.

Со неа разговаравме и за инфлацијата и зголемувањето на цените и колку овие две работи влијаат на тешката економска состојба во државата.

На оваа тема Илиеска цитирајќи ги официјалните податоци вели во Македонија драстично е зголемен бројот на граѓани кои живеат во екстремна и умерена сиромаштија и таа бројка секоја година се зголемува од која за жал 1/3 се деца. Притоа потенцираше дека граѓаните што живеат во сиромаштија, инфлацијата ја чувствуваат повисока за 3 проценти, поради цените на производите и услугите кои ги користат.

„Ако имаме во предвид дека дури 80% од приходите во едно просечно семејство се трошат за набавка на храна, а цените на прехранбените производи поради стапката на инфлација се зголемени најчесто дупло, ова доведе до значително зголемување на бројот на граѓани кој живеат во екстремна и умерена сиромаштија“,објаснува Илиеска и вели дека нелогично е со одлука на Влада да се замрзнуваат цени на прехранбени производи, а при тоа во ист ден со закон да се зголемува данок на додадена вредност на прехранбени производи.

„Дополнително зголемувањето на данокот на додадена вредност на прехранбени производи во време на висока инфлација нема логична и економска оправданост“, додава таа.

„Овие постапки наведуваат дека замрзнувањето на цените е со цел да не се почувствуваат реакциите на пазарот од зголемување на данокот на додадена вредност, а во буџетот да се влеат дополнителни приходи од данокот кој се плаќа при промет на најосновните и најнеопходните производи за живот. Сето ова влијае на движењето на стопанските субјекти, од кои се очекува да танцуваат како што им свират, а од друга страна им ги врзуваат нозете“, констатира Илиеска.

Она што скоро нѐ очекува по укинувањето на владината мерка со која се замрзнаа цените, понудата и побарувачката на пазарот повторно ќе ги раздвижи во насока на инфлација, исто како изминатата пролет.

На крајот од разговорот ја прашавме кои се нејзините размислувања за излез од економската криза и раст на домашната економија и тука Илиеска вели дека нешто кое што на прв поглед може да се констатира е слабата реализација на капиталните инвестиции, корупцијата која е навлезена во сите сфери на општеството и големиот процент на сива економија.
„Од сите земји во регионов имаме најниска стапка на раст, што значи дека најлошо од сите во регионот делуваме кон остварување на повисок раст. При состојба на низок раст и висока инфлација, продуктивноста на работниците е на ниско ниво, незадоволни од ниските плати поради високите цени на храната и енергијата и нискиот животен стандард“, забележува таа.

Во последниот извештај на Европската комисија се наведени клучните реформски приоритети со нагласен критички тон, оценети со ограничен напредок и тука фокусот се става на неефикасноста при давање на државната помош и неделување во насока на справување со сивата економија. Ова се констатации кои фирмите и граѓаните ги чувствуваат кои само се потврдуваат со извештајот на комисијата.
„Доколку изминативе неколку години интересот им беше подобрување на состојбите и воведување на реформи кои беа нотирани во претходните извештаи, денес ќе имавме подобар извештај. Со релативизирање на состојбите и проблемите и играјќи само на карта за менување устав владата ја доведе државава до најслаба оценка од Европската комисија и ја оттурна најдалеку од европското семејство“, додава таа.

Илиеска во оваа насока вели дека со визија, цел и фокус за подобрување на условите за живот и многу посветеност и работа може да се оствари повисок стандард, поквалитетно образование, сигурно здравство, растечка економија, безбедна околина, иднина за нас и поколенијата на ова парче земја.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.