Со увид на изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, Никола Груевски заедно со неговите соработници вчера ја посетија општина Прилеп каде што оствари средба со жителите и изврши увид на неколку инфраструктурни работи кои се во тек.
Тој нагласи дека, „Шпанската компанија „Констракшн Рубау“ (Цонструцционес Рубау) ќе ја изведува првата фаза од изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп. Во присуство на министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, Јавното претпријатие за државни патишта е потпишан договор вреден 31,8 милиони евра со изведувачот на градежните работи. Првичната етапа од реализацијата на овој пат го вклучува сегментот од Фаришка до Дреновска клисура во должина од 10 километри, која треба да биде завршена во рок од 24 месеци. Експресниот пат ќе биде широк 12,4 метри, со по една главна лента од 3,5 метри и дополнителна помошна лента од 2,5 метри во секој правец.
Груевски заедно со градоначалникот на Марјан Ристески извршиja увид во градежните активности на новиот канализациски систем во Прилеп, којшто се гради со средства од ИПА фондовите и 30-процентно учество на Владата на Република Македонија.
Груевски и Ристески го посетија и прилепското село Големо Коњари каде се градат улици и плоштад со средства обезбедени преку Агенцијата за поддршка на руралниот развој. Во моментов се направени улици со програмата на Агенцијата од 2013 година, а наскоро ќе почнат и со новата програма од 2015 година. За реконструкција на улиците во селото и за изградба на канализација, пречистителна станица и нов плоштад се вложени околу 30 милиони денари. Во Коњари се изградени 800 метри нови улици.
Градоначалникот Ристески најави дека за годинава е планирано да се изгради и детска градинка за што веќе се обезбедени средства, а претходно било реновирано и основното училиште. Наскоро ова населено место ќе добие парк и плоштад.
При вчерашната посета беа најавени и нови 350 вработувања во јавното здравство од страна на министерот Никола Тодоров за време на посетата на прилепската болница. Процедурата е почната, се чека согласност од министерството за финансии, а до крајот на месецот ќе биде објавен и оглас. Во завршна фаза е и проектот за набавка на нови дигитални мамографи. Од планираните 11, 10 веќе се инсталирани во исто толку болници низ земјава.
До крајот на годината ќе заврши и реконструкцијата на болницата во Прилеп, која чини 70 милиони денари. Досега комплетно се реновирани две одделенија. Паралелно набавена е и нова опрема.
При посетата на ОУ „Добре Јованоски“ каде во полн ек е новата спортска сала, беше посочено дека во изминатите десет години реконструирани се над 450 училишта во РМ и вложени се над 50 милиони евра во подобрување на образовната инфраструктура во земјава.
„Ние имаме континуирани вложувања во реконструкција на училиштата во Македонија. Тоа ни е една од главните активности. Огромен број училишта се веќе реконструирани, а сега започна третата фаза во која се реконструираат последните 20 од предвидените 60 училишта за реконструкција за годинава, посочи Груевски во својата изјава за новинарите.
Прецизира дека во општина Прилеп во изминантите 10 години се реконструирани сите училишта.
„Некаде е променет покривот, некаде подот, некаде целосно училиште, некаде се обновени тоалетите, некаде дограмата… Во Прилеп нема училиште во кое во овие десет години немало поситна или покрупна интервенција односно целосна или делумна реконструцкија, посочи Никола Груевски.
Нагласи дека реконструкцијата и обновата на училиштата во Македонија останува една од главните определби во програмата на Владата на РМ.