Победничко селфи: Тесна, но многу важна победа на прилепчани – Ангелески во последна секунда ја фати “жива”

Во рамките од шестото коло во плеј-аут сегментот на машката Супер лига, ракометарите на РК Прилеп вечерва триумфираа над Куманово со 23:22 (12:7 на полувремето).

И покрај разликата од пет погодоци на полувремето, прилепчани можеа да ги прокоцкаат трите бода, кога промашија пенал за сигурен триумф во последните секунди од натпреварот, но и покрај тоа на крајот му го нанесоа првиот пораз на Куманово ,во разигрувањето за опстанок во најелитното ракометно друштво.

Ова е многу важен триумф за момците на Реваз Чантурија, кој и самиот имаше голем придонес за вечерашната победа во “Ристе Ристески-Ричко”.

Огромна заслуга имаа и 13-те одбрани на Иван Ангелески кој вечерва брилиираше на голот на РК Прилеп. Особено важна беше последната одбрана, во буквално последната секунда од натпреварот, кога ја фати “жива”.

Во наредното коло прилепчани му гостуваат на Голден Арт во Скопје, а овој триумф со сигурност ќе ја зголеми самодовербата на играчите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.