Победа ќе атакува на седмото место за опстанок во лигата: Денеска на “домашен терен” ја дочекува Беласица

Паузата завршува, па од денеска стартува пролетното продолжение од прволигашкото фудбалско првенство. Екипата на Победа ќе биде ,,домаќин,, на Беласица, во меч на кој како и долго пред ова, ја нема предноста на домашниот терен.

Натпреварот ќе се игра на градскиот стадион во Кичево.

Од Победа се очекува атак кон трите бода. Впрочем, тоа е во планот, имајќи предвид дека само на тој начин може да се тргне кон целта – бегство нагоре на табелата, кон 7-то, спасоносно место.

Беласица, иако е последно пласирана, е ривал што не е за потценување со оглед на играчкиот кадар. Дека може да биде неизвесно се гледа во резултатите од есенските дуели: прво победи Победа со 1-0, потоа Беласица со 2-1.

Најбитен фактор е самиот клуб. Победа зимава претрпе големи промени на играчки план: заминаа Манчевски, Драгарски, Маркоски, Мустафов, Нвабуезе, Исаевски, Велкоски, Шопоски, Крстески, дојдоа Ристевски, Асани, а во последен миг се очекуваше уште некој.

Очигледно шанса од Стручниот штаб предводен од Јане Николоски ќе добијат помладите, покрај досегашните првотимци.

На генералната проба со Пелистер (1-2), почнаа: Тофилоски – Тимовски, Ристевски, Јаќимовиќ, Карчески – Ј. Наумоски, Спиркоски, Танушев – Трајкоски, Каланоски, Гешоски, во вториот дел играа Котевски, М. Наумоски, Мандиќ, Паноски, Ефремов, Асани, Неделков, Ристески, а за мечот со Беласица ќе може да се смета и на Макота.

До првиот полуфинален дуел на 27 февруари со Академија Пандев, е уште првенственото гостување на Шкупи во Скопје.

Табела: Шкендија 40, Вардар 35, А. Пандев 30, Работнички 26, Шкупи 23, Македонија ЃП и Ренова 21, Силекс 18, Победа и Беласица 17.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.