Прилепскиот прволигаш Победа денес се засили со 27-годишниот стопер Александар Ристевски-Егри. Тој во Победа доаѓа од екс прволигашот Младост Царев Двор, а во Прилеп фактички се враќа по две сезони, откако го носеше црвено-белиот дрес во Втората лига.
Во меѓувреме настапуваше и за прволигашот Металург. Станува збор за искусен играч, кој потекнува од школата на Пелистер, а своевремено настапуваше за младата репрезентација на Македонија. И покрај написите дека преминува во Пелистер, Ристевски се договори со Победа и попладнево го одработи првиот тренинг со своите нови клупски другари. Инаку Победа ги продолжува интензивните подготовки за престојното првенство во Првата лига.
Екипата, во која во меѓувреме се очекуваат уште неколку заислувања, тренира двапати дневно на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев, а од 10 до 17 јули ќе реализира подготовки во Банско (Бугарија), каде ќе одигра две контролни средби со Пелистер и Академија Пандев. Постои можност пред почетокот на сезоната во Прилеп да се одигра меѓународен натпревар со бугарскиот прволигаш Ботев од Пловдив.