Победа утре напладне ги стартува зимските подготовки

15823399_1076306142480446_9197977868132542015_n

Утре точно напладне во клупските простории на ФК Победа, шефот на Стручниот штаб Зоран Штерјовски ќе ја има првата прозивка на фудбалерите со што ќе биде означен почетокот на зимските подготовки на прилепскиот прволигаш. Се очекува
на прозивката да се јават новајлиите: Војводиќ, Станиќ и Коњарски.

Бразилецот Рамон ќе се приклучи на 12-ти, а капитенот Крстески на 9-ти февруари. Со екипата по рехабилитацијата се очекува со редовни тренинзи да започнат и опоравениот од повредата Димитриоски и оперираниот Котески.

Штерјовски на првиот собир во новата 2017-та година на фудбалерите ќе им го образложи планот на подготовките. Во првиот дел, оној базичниот дел, ќе се работи главно два пати дневно во Прилеп, на терените на Могила и со вештачка трева, комбинирани со вежби за снага во сала и теретана.

Од 27-ми екипата ќе се пресели на 11-дневни техничко-тактички подготовки во Охрид, каде ќе се работи на терените на Целески, а веќе се договорени 4 контролни натпревари.

На 25- ти јануари со 5-топласираниот тим во Првата лига на Србија Младот од Лучани, два дена подоцна со 6-топласираниот на крајот на есенскиот дел во Првата лига на Србија Јавор од Ивањица, на 29-ти противник ќе биде претпоследниот прволигаш на табелата на Првата лига на Србија Борац од Чачак, додека за 1-ви февруари е закажан пријателски меч со најпријатното изненадување во есенскиот дел на првенството на Босна и Херцеговина 5-топласираниот тим на Крупа од Врбас.

За време на престојот во Охрид (до 5-ти) постои можност за одигрување на само уште еден пријателски меч, а по враќањето во Прилеп ќе се продолжи со воигрување на тимот.

На 9-ти февруари договорено е гостување на второлигашот Хоризонт во Турново, а се бара спаринг партнер за генералката на 11-ти или 12-ти февруари. Пролетниот дел на првенството на Првата лига започнува на 19-ти февруари со пелагониското дерби во кое Победа ќе се сретне со Пелистер.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.