Победа тренираше со 9 играчи, останатите се во школо – Навивачите со важен апел до сите!

Фудбалскиот клуб ФК Победа денеска го одржа тренингот со значително намален број фудбалери, откако дел од младинците од категориите кадети и пионери, кои се приклучени кон првиот тим, не можеа да присуствуваат поради училишни обврски – стои во објава на Фејсбук страната Прилепски навивачи ултрас

Според информациите објавени од прилепските навивачи, на денешниот тренинг учествувале девет младинци, кои во моментов се носители на играта на првиот тим и храбро се соочуваат со повозрасни противници во натпреварувањето.

Во меѓувреме, во просториите на клубот се присутни и неколку навивачи кои активно помагаат во организацијата и подготовките за следниот домашен натпревар кој ќе се одигра во Прилеп, по истекувањето на казната поради која клубот одреден период не играше на свој терен.

Навивачите информираат дека дел од неопходните трошоци се покриваат со сопствени средства и со помош од пријатели и поддржувачи на клубот, додека трошоците за гостинските натпревари ги покрива Општината.

Во својата порака тие упатуваат апел до прилепчани во сабота масовно да присуствуваат на натпреварот и да ги поддржат младите фудбалери.

„Да дојдеме во што поголем број, да купиме влезници и достоинствено да ја завршиме сезоната како град со спортска традиција“, порачуваат навивачите.

Тие изразуваат надеж дека во текот на летото ФК Победа повторно ќе се консолидира како клуб на градот, со нови луѓе и стручни кадри кои ќе работат во интерес на клубот и на прилепскиот фудбал.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.