Фудбалерите на Победа ја забележаа третата победа во подготвителниот период. Попладнево на игралиштето во Логоварди го совладаа тимот на Новаци со 3-1(1-1). Во натпревар кој се играше на нерамен терен и со силен ветер, прилепчани ја оправдаа улогата на фаворит и разликата во квалитет, а крајот резултураше со очекуван триумф. Но според оценката на стручниот штаб ова не беше очекувано издание на прилепчани, особено на не играчите кои настапија во првите 45 минути. Во глобала прилепчани постигнаа 3 гола, но имаа шанси за уште трипати по толку, но и еден неоправдано поништен гол на Крстески(поради непостоечки офсајд). Се изнапромашуваа Даноски во првото и Здравески во второто полувреме, кои не искористија по 3 убави шанси. Домаќините први поведоа во 9-тата минута, по грешката на Крстески и лошо вратената топка која ја пресече Талевски и ја затресе мрежата на Јованоски. Потоа Гешоски биеше силно крај голот по што следеа 3-те шанси на Даноски, од кои најубава беше онаа во 24-тата минута, кога во соло продор нанижа неколку противнички играчи, го мина и голманот, но откосо биеше само во стативата. Израмувањето за Победа стигна во 42-та минута, кога по упатената топка од Даноски таа го удри во рака Степановски по што судијата покажа на белата точка.
Следеја протести и навреди на негова адреса од Степановски кој беше исклучен со право на замена, а Гешоски беше сигурен од белата точка за 1-1. Во вторите 45 минути уште подоминантна игра и шанси, но и голови за Победа. Во 53-тата минута младиот Иваноски центрираше по левата страна, топката удри во некој од домашните одбрамбени фудбалери и го изненади Симјановски, завршувајќи во мрежата за водство на Победа од 1-2. Во 68-та минута во шанса Иваноски, но спаси Симјановски со пад во нозете. Во наредната минута младиот напаѓач на Победа беше поприсебен и пласира во голот завршувајќи добар контранапад на својот тим. До крајот прилепчани пропуштија уште неколку убави шанси за зголемување на водството.
Победа: Јованоски, Талески, Крстески, Колески, Ристевски, Мегленски, Наумоски, Дунимаглоски, Карчески, Даноски и Гешоски. Во вторите 45 минути играа: Котевски, Богоески, Тошески, Велјаноски, Димитриоски, Иваноски, Петрески, Дунимаглоски, Здравески, Мирчески и Тодороски.
Денес не настапија:Манчевски, Шаркоски,Котески, Николоски и Митрески.
Следна проверка на формата за Победа е во недела 14-ти февруари, со учеството на 18-от меморијален турнир ,,Вуко Каров,, во Кавадарци и натпревари по 45 минути со Тиквеш и Љубанци.