По тринеделна пауза, фудбалерите на Победа денеска се вратија на првенствените обврски во Првата фудбалска лига, а во Прилеп гостуваше актуелниот шампион Шкупи.
Иако на првиот натпревар во Скопје, црвено-белите стигнаа до бод, денеска во Прилеп победашите доживеаа вистински дебакл.
Шкупи предводен од прилепчанецот Гоце Седлоски ја понижи Победа со 0:6 (0:3 на полувремето).
Гостите од Скопје стигнаа до висока предност уште во првото полувреме со головите на Хамиди, Трапановски и Јамајканецот Цепхас. Во вториот дел уште три гола во мрежата на прилепчани. Повторно Алжирецот Хамиди прв се запиша во листата на стрелци, па следеа погодоци на Бразилецот Куевен и Костариканецот Фреди Алварез.
Лошо за Победа е и тоа што Скопје кој се наоѓа на последното место на табелата триумфираше над Академија Пандев со 2:1, па сега им се доближи на прилепчани на само 2 бода.
Во наредното коло црвено-белите го пречекуваат Скопје, натпревар кој мора да се победи за да се остане на местата од табелата кои водат во плеј-аут разигрувањето на крајот од сезоната.
После одиграни 14 натпревари, Победа има само три триумфи, два нерешени резултати и дури девет порази, а гол разликата е 11:25.