Победа направи хет-трик против Шкендија: Трет пат во една година црвено-белите го совладаа актуелниот шампион

Фудбалерите на Победа се на чекор до полуфиналето од Купот на Македонија. Попладнево на стадионот во Тетово избраниците на Тони Мегленски вторпат сезонава ја совладаа Шкендија во Тетово.

По првенствените 2-0 денес Победа во првиот четвртфинален куп натпревар славеша победа со 1-0.

Стрелец на победоносниот гол за Победа беше францускиот интернационалец Јаник Макота во 19-тата минута во продолжение на истата акција во која двајцата со Мандиќ по двапати шутираа кон голот, а Макота пред голот ја погоди и стативата од голот на Захов.

Ретко кој тим може да се пофали со фактот дека на две гостувања во Тетово не примил гол, а Тофилоски е веројатно единствениот чија мрежа 180 минути не беше затресена на двата дуели со тетовчани.

И денес се потврди дека Победа го има рецептот за противигра за Шкендија. Пред првенствената победа во Тетово на црвено-белите со 2-0 во Тетово на 26-ти септември, Шкендија имаше серија од 33 меча без пораз со 26 победи и 7 реми со гол разлика 92-23, а од тој меч две домашни победи и едно реми со гол разлика 10-3.

Пред овие два домашни порази од Победа актуелниот првак последен пат дома загуби од Шкупи на 26 октомври 2016 со 0-1.

На денешниот меч Шефот на Стручниот штаб Тони Мегленски се реши малку да ротира во почетниот состав па на клупата од стандардните останаа:Нвабуезе, Ј.Наумоски, Спиркоски и Танушев, а во комбинација воопшто не беа: Маркоски, Карчески и младиот Ефремов.

Сепак широкиот ростер и борбата за место во тимот си го направи своето и се потврди девизата дека секој треба да си ја искористи добиената шанса и да се наметне кај тренерот.

Свесно препуштајќи ја иницијативата на домаќиот, кој е познат по својата комбинаторна игра и поседот на топка, победашите ја имаа контролата на случувањата на теренот.

Повторно со организирана, пожртвувана и игра со многу дисциплина и трка физички добро подготвените црвено-бели не им дозволија на домаќините посериозно да го загрозат голот на Тофилоски.

Малку олеснета работата посебно за добраната на Победа беше со исклучувањето поради втор жолт картон веќе во 46-тата минута на Бејтулаи.

Шкендија имаше само една полушанса, додека црвено-белите умешно одолеваа на домашната иницијатива а со малку поголема концентрација можеа да ја искористат бројчаната предност и во противнападите да ги казнат домашните барем со уште некој гол, а Захов спаси и втор гол во неговата мрежа по ударот на Исаевски во 92-та минута.

Во останатите 3 денешни четвртфинални натпревари Беласица во Кратово го победи Силекс со 2-0, а домшни победи остварија Македонија во скопската пресеметка над Работнички со 1-0 и очекувано Академија Пандев со 3-1 над второлигашот Кораби.

Реванш натпреварите од четвртфиналето на Купот ќе се играат на крајот на есенската полусезона – 5-тти декември.

Со оглед на денешната предност по првиот меч Победа има реални шанси за пласман во полуфиналето, а со оглед на останатите противници и реални изгледи да оди со големи амбиции и кон атак на вториот пехар во Купот на Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.