Победа има нов извршен директор и нов мнозински акционер – Ако не легне милионот од општина, клубот би паднал во четврта лига

Фото/printscreen/infokompas.com.mk

Филип Илиоски, досегашен генерален секретар во ФК „Победа“, е новиот извршен директор на прилепската гордост, а додека Владимир Мирчески е новиот мнозински акционер со 70% од акциите, кои деновиве се очекува да ги добие од претходните сопственици на клубот. Останатите 30% од акциите ги поседуваат Гоце Инглизов 20% и 10% Благоја Гешоски – oбјави “ИНФО КОМПАС”.

Илиоски истакна дека клубот се наоѓа во крајно лоша состојба, со нетрпение ги очекуваат одобрените 1 милион денари од Советот на Општина Прилеп на последната седница, за да може клубот да функционира, но постои мала неизвесност кога и дали парите ќе се префрлат затоа што веќе се распишани изборите. Без овие средства Победа автоматски би се вратила од втора во четврта лига затоа што ќе нема можност да присуствува на 3 последователни натпревари, но и ако се добијата тие 1 милион денари, ќе бидат доволни клубот да функционира само 2 месеци.

-Клубот се најдува во незавидна ситуација во моментов, со тоа што има поприлично долгови кон поверители, од кои најголем е кон УЈП, односно Република Македонија. Се смогнаа напори и сили со Општината да се додели еднократна финансиска помош во износ од 1 милион денари за одблокирање на клубот, односно да ја започне новата сезона 2025/26 во Втората фудбалска лига и непречено да работат фудбалските школи, т.е. младинските категории на клубот. Во овој момент, иако изгласана во четвртокот одлуката, не сме сигурни дали тие пари ќе легнат на сметката поради локалните избори, односно до завршувањето на изборите. Се надеваме дека ќе се изнајди решение едноставно тие пари да ги добиеме и да почни да функционира клубот – истакна Илиоски.

Ако не легнат парите што би се случило со Победа?

-Во овој момент мислам дека административно би се вратила во Четврта лига, т.е. ние имаме добиено лиценца за натпреварување во Втората фудбалска лига за оваа година, ама не би биле способни да се појавиме на 3 последователни натпревари од лигата, така да претпоставувам дека Федерацијата би не вратила во Четврта лига. Запозната е и Стопанската комора на Прилеп, одржани се 2 разговори со нив и ни кажаа дека ќе пробаат да ни излезат во пресрет, но поради летните одмори прв состанок им бил предвиден за 14 август, што е малку касно, но се надеваме на поддршка. Во меѓувреме има 4-5 компании кои се заинтересирани доколку се обезбедат услови да нѐ поддржуваат“, изјави Филип Илиоски, извршен директор на ФК „Победа“ – додаде Илиоски.

Владимир Мирчески, како мнозински акционер истакна дека „Победа“ е клуб на прилепчани и така и ќе останело. Столе Дунимаглоски и Дејан Кебакоски остануваат како тренери, а за фудбалери се уште се составувала екипата.

-Сакам да кажам дека Победа е клуб на народот, не е ниту мој, ниту па од некој друг, така што сите што работиме во клубот ќе мора и така да се однесуваме. Ние сме еден тим на ентузијасти тука собрани, кои ќе работиме, ќе гледаме да излеземе на крај со оваа незавидна ситуација, затоа што е штета да се остави Прилеп и прилепската публика без клуб како Победа. Клубот е во незавидна финансиска состојба со долг од околу 5.5 милиони денари кон УЈП и уште толкава сума кон други доверители, но повеќе од доверителите со кои разговаравме ја препознаваат нашата искреност и желба за работа и излегуваат во пресрет, ветуваат дека нема да има блокирање на нашите сметки со цел клубот да продолжи, затоа што и тие се сите вљубеници во нашиот клуб и сакаат да помогнат. Како што веќе кажа и Филип, имаме една финансиска инекција која ја чекаме од Општина Прилеп и сакам да се заблагодарам за довербата и соработката до Општина Прилеп и целиот Совет на Општина Прилеп кој едногласно изгласа за таа доверба. Во моментов се работи на составување на некоја екипа, но сеуште се чекаат овие финансиски средства, за да се види што ќе составиме. Се разговара со повеќе фудбалери, но не можеме конкретно ништо да кажеме кој фудбалер ќе биде донесен и како. Би требало, доколку ги имаме овие средства да имаме солидна екипа, да се носиме рамномерно со другите екипи во Втора лига, да немаме проблем за опстанок. Се разговара со играчи од Прилеп кои или досега биле членови, или пак се повратници во клубот кои претходно настапувале за Победа, а во меѓувреме биле настрана. Тоа е тоа што во моментот можам да го кажам, за извесно време ќе се одржи собрание на клубот на кое ќе се избере нова управа, нови извршни членови, со цел да тргне нешто со клубот напред. Нашите намери се искрени и ќе направиме сѐ што можеме да помогнеме клубот да опстои и да оди напред“, потенцираше Владимир Мирчески, мнозински сопственик на акциите – истакна Мирчески.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.