Победа до врв ја наполни мрежата на Братство Житоше

Вчера на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во натпревар од 21-то коло на Втората лига-Исток, фудбалерите на Победа би рекле со половина сили и без преголем напор славеа висока и убедлива победа од 6-0, полувреме 5-0 над новајлијата во второлигашкото друштво Братство од Житоше.

Тоа беше меч во кој по раното водство на Победа од 4-та минута, со првиот од трите голови на првиот стрелец на црвено-белите Бојан Спиркоски, не се доведуваше во прашање победникот, туку само со колку голови разлика победашите ќе победат.

Покрај Бојан Спиркоски, 3 гола постигна и Атхе Мазари, а покрај нив двајца уште неколкумина фудбалери на Победа имаа шанси за уште поубедлив триумф, а на другата страна пак Даниел Котески, кој го чуваше голот на Победа, немаше ниту една интервенција. Воедно ова е втор последователен меч во кој црвено-белите за 45 минути постигнуваат 5 голови.

Победа: Котески, Бошески, Христов, Стомнароски (од 46 мин Сркески), Ангелески (од 59 мин С.Спиркоски), Карчески (од 65 мин Кисески-Илијоски), Петејчук, Ј.Наумоски (од 55 мин Ф.Спиркоски), М.Наумоски (од 46 мин Димоски), Б.Спиркоски и Мазари.

Резултати од денешното 21 коло: Победа- Братство 6-0, Слога- Детонит 2-1, Беласица-Локомотива 6-0, Саса- Осогово 2-0 и Пехчево-Кожуф 1-0.

Табела:Слога 45, Победа и Беласица по 44, Саса 43, Осогово 27, Пехчево и Кожуф по 26, Детонит 20, Братство 13 и Локомотива 6 бодови.

Во следното 22 коло на 9 април од 16 часот ќе играат: Локомотива-Победа, Братство-Слога, Осогово-Беласица, Саса-Пехчево и Детонит-Кожуф.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.