На полноќ завршува зимскиот преоден рок за фудбалерите од земјава. Во овој зимски трансфер период есенскиот првак на Втората лига-Исток ФК Победа ангажираше 8 нови фудбалери (дел повратници во матичниот клуб), а во својот клуб се вратија и двајца млади фудбалери.
Нови членови на ФК Победа, кои се очекува да го подигнат квалитетот и да ја засилат конкуренцијата во пролетната полусезона, се: Дарко Тофилоски и Јорданчо Наумоски од Тиквеш, Марио Наумоски (Брегалница), Филип Димоски (Саса), Оливер Христов (Кит-Го), Благој Истатов (Воска), Атдхе Мазари (Охрид) и Борче Сркески (Г.Коњари). Во матичниот клуб од 6-месечната позајмица на Братство се вратија и Христијан Поп-Антоски и Давид Дебрешлиоски.
Повеќето од засилувањата, заедно со староседелците, прилепските љубители на фудбалот ќе имаат можност на дело да ги видат на утрешниот (13 часот) последен контролен меч на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ пред стартот на втората полусезона против квалитетниот состав на Воска од Охрид.