Победа губи кај ќе стигне: Попладнево загубија и во Виница

Попладнево на стадионот во Виница во натпревар од 9-тото, последно коло од првиот круг на првенството во Втората лига Исток фудбалерите на Победа загубија од новиот второлигаш Слога со 2-0, полувреме 0-0.

Ова е петти овосезонски пораз за црвено-белите, а 4-ти на 4-те гостувања во овој дел од шампионатот. И попладнево до израз дојдоа сите досега евидентирани слабости-недостатоци во играта на Победа во чии редови поради повреди отсуствуваа 5-мина фудбалери.

Првиот дел беше сосема солиден. Прилепчани одиграа стрпливо, мирно без некои поголеми грешки а не дозволија посериозно да биде загрозен голот на Столевски, кој денес првпат застана меѓу стативите од 1-та минута. Во нападот Победа имаше неколку изгледни ситуации.

Во 20-тата минута Димоски биеше од 15-тина метри и беше изблокиран а не го забележа Бошески кој беше во налет и во поволна ситуација. Три минути подоцна по спуштената топка со глава на Гешоски волеј на Димоски но крај голот, а во финишот во 42-та минута обид на Гешоски чиј удар повторно беше блокиран од домашните одбранбени играчи.

Во вториот дел брзински распад на Победа, нешто слично на 3-те примени гола во Росоман од Тиквеш за 15 минути. За само 15 минути примени два наивни голови кои практично се поклон за домаќините од прилепската одбрана. Првиот во 49-тата минута по корнер на петерецот меѓу корпулентните Гешоски и Колевски поприсебен од двајцата беше домашниот младинец Иванов и со глава биеше а топката на втора статива под пречка заврши во гостинската мрежа.

Вториот за, ќе се покаже подоцна, конечни 2-0 беше дело на домашниот центарфор Бујчевски. Доби топка меѓу неколку гостински одбранбени играчи, Петковски се лзина и падна, вториот Белески го издрибла и од 5-6 мретри со силен шут под пречка го совлада Столевски. До крајот Победа имаше само еден удар кон голот на Јованоски-биеше од волеј но право во домашниот голман.

Овој петти првенствен пораз(колку што имаат само уште Плачковица и Росоман) а 4-ти на 4-те гостувања(без бод на гостински терен покрај Победа е само уште Росоман) само ја продолжува црната серија на Победа која резултира со голерм пад на првенствената табела во зоната за опстанок во второлигашкото друштво. На четири гостувања претрпени се 4 порази со само еден постигнат а 8 примени голови и такаречи сите се по икатастрофални грешки на прилепската одбрана која делува раштимано, а целиот тим малодушно. Веројатно и нема натпревар, посебно на гостински терен на кој кога прилепчани први примиле гол да успеале резултатски да се вратат и да избегнат пораз.

Овој денешен меч во Виница беше првиот од серијата 3 врзани гостувања на Победа. На стартот на вториот круг во следното коло на ред е мечот со Кит-Го во Пехчево а потоа и комшиското гостување на Росоман за две седмици.
Победа:Столевски, Бошески, Петкоски, Колевски, Белески, Димитријески (од 55 мин Петроски), Дебрешлиоски, Илиоски-Кисески (од 76 мин Каралиоски), Јошески (од 65 мин Стомнароски) Димоски (од 76 мин Карапеев) и Гешоски(од 65 мин Ф.Спиркоски).

Резултати 9-то : Слога-Победа 2-0, Брегалница-Росоман 6-1, Кожуф-Кит Го 2-1, Тиквеш-Каменица-Саса 3-0 и Осогово- Плачковица 1-1.

Табела:Тиквеш и Брегалница по 24, Кожуф 16, Слога12, Кит-Го и Осогово по 9, Победа и Каменица Саса по 8, Росоман 7 и Плачковица 6 бода.

Во следното 10-то коло во сабота на 31-ви октомври ќе играат: Кит Го- Победа, Слога-Росоман, Брегалница- Каменица Саса, Тиквеш-Плачковица и Осогово-Кожув.

Петар Димоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.