Победа го скрши малерот и даде гол, ама прими четири

Со натпреварот Македонија Ѓорче Петров и Победа започна третото коло во Првата македонска фудбалска лига.

После поразите од Струга и Тиквеш во првите две кола, фудбалските вљубеници во Прилеп очекуваа повеќе од Победа на денешниот дуел во Ѓорче Петров.

Меѓутоа, црвено-белите го забележаа и третиот пораз на гостувањето кај популарните “лавови” со 4:1.

Ѓорчепетровци поведоа со 1:0 со погодокот на Емини уште во 6-та минута, а Победа израмни преку Мазари во 17-та.

И кога се чинеше дека црвено-белите се најмалку рамноправен противник, следуваа нови два погодоци во мрежата на Тофилоски. Најпрво во 34-та минута стрелаше прецизно Стојковски, а четири минути подоца втор погодок постигна Емини.

Во вториот дел победашите немаа сили да се вратат во натпреварот, па примија уште еден гол во 79-та минута, кога прецизен беше Колумбиецот Мена Перез.

Победа и во наредните две кола гостува во Скопје, прво кај Шкупи, а потоа кај Скопје.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.