Победа ги стартува подготовките: Претставени и новите засилувања (Фото)

Денес со првиот собир-прозивка, а потоа и прв тренинг беше означен стартот на зимските подготовки на фудбалерите на Победа. Во очекување целокупниот ростер да се комплетира во наредниве 2-3 дена, Шефот на Стручниот штаб Димитар Капинковски и Спортскиот директор Благоја Гешоски на фудбалерите им го изложија планот на подготовките како и досегашните новости во поглед на играчкиот кадар.

Според планот во Прилеп (комбинирано во салата на ДТВ Партизан и на тренот на Могилата) ќе се тренира до 24 јануари, од кога се заминува на 10-дневни подготовки во Стар Дојран. За време на подготовките во овој наш туристички центар ќе бидат одиграни контролни натпревари со Кожуф (27 јануари) и Беласица (2 февруари), со можност за барем уште 1-2 контролни дуели. По враќањето во Прилеп се закажани контролни средби со Тиквеш (6 февруари) и генералката со Воска (12 февруари).

Од најавените засилувања на денешниот прв собир беа присутни тројца. Тоа се повратниците во Победа Филип Димоски од Саса и Марио Наумоски од Брегалница, како и новајлијата Благој Истатов, напаѓач кој доаѓа од Воска (внук на легендарниот македонски голман и голман на Победа Благој Истатов).

Се очекува на екипата во текот на утрешниот ден во тренажниот процес да и се приклучат уште двајца повратници во црвено-белиот дрес голманот Дарко Тофилоски и играчот за врска Јорданчо Наумоски, кои доаѓаат од прволигашот Тиквеш. Клубот преговара и со играч на стоперската позиција.

Со полесни тренинзи на почеток, а од февруари и со полн интензитет, по успешно минатиот период на рехабилитација, на тренизите се приклучи стоперот Христијан Кукески. На првата прозивка и во првиот дел од овој подготвителен период, кога Капинковски треба да стекне целосен увид во можностите и формата на сите фудбалери, приклучени се и повеќе младинци: Марко Маркоски, Филип Тодороски, Христијан Јосифоски, Михаил Јакопетрески, Беким Алимоски, Давид Дебрешлиоски и Христијан Поп-Антоски.

Од играчите кои настапуваа во есенскиот дел Победа се заблагодари на услугите на Петар Најдов, Дарко Дигаловски и Кирил Неделков, како и стоперот Андреј Петкоски, кој најверојатно кариерата ја продолжува во Силекс.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.