Спортот во Прилеп како никогаш во изминатите години се наоѓа во тешка криза и речиси безизлезна ситуација.
Победа денеска одново загуби и ја продолжи низата лоши резултати. Како домаќини црвено-белите беа поразени со 0:1 од Работнички и ја продолжија низата од сега 8 натпревари без триумф во Првата лига.
Димитровски во 21-та минута беше единствениот стрелец на денешниот натпревар доволен за 3 бога за “романтичарите”.
Само големиот пораз на Беласица со 3:0 од Шкендија ја искачи Победа на претпоследната позиција на табелата.
Иако 7-та позиција е оддалечена само 4 бода и е достижна за сигурен опстанок во најелитното друштво, се чини дека во таборот на прилепчани ништо не се променува и тешко дека клубот со ваков пристап би успеал во главната цел.
Ништо подобар не е ниту ракометниот клуб Прилеп, кој се наоѓа на 8-та позиција во ракометната Супер лига.
РК Прилеп сезонава има три победи, еден нерешен резултат и дури 10 порази, а под прилепчани се само екипите на Вардар Јуниор и Борец.
Втората полусезона РК Прилеп ја стартува на 10.03 со гостување во Охрид.
Иако актуелниот градоначалник и локалните власти ветуваа препородување на спортот и условите за спортување во градот, прилепската спортска јавност го гледа сосема спротивното. Спортот и клубовите како никогаш во изминатите години тонат, а се наѕира и најлошото – испаѓање на екипите во втор ранг на натпреварување.