Пленковиќ: Минималната плата во Хрватска се зголемува на 830 евра

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска изјави дека од 1 јануари ќе стапат на сила девет нови даночни закони, со кои минималната плата ќе се зголеми на 830 евра, јави хрватската национална телевизија ХРТ.

„Кога почнавме (нашиот прв мандат во 2016 година), просечната плата во Хрватска беше 749 евра. Денес просечната плата во Хрватска е 1.178 евра. Кога почнавме, просечната пензија беше нешто над 350 евра. Денес е 550 евра. Минималната плата на почетокот на нашиот мандат беше 414 евра бруто. Од вчера изнесува 830 евра. Ова е раст од над 100 проценти на минималната плата“, посочи Пленковиќ.

Тој истакна дека вредноста на социјалните додатоци е зголемена и за време на мандатот на неговата партија Хрватска демократска заедница, благодарение на усвоените измени во законот за плати во државниот и јавниот сектор.

Хрватската даночна реформа вклучува усвојување на девет даночни закони, кои стапуваат на сила на 1 јануари, а кои, според премиерот, имаат за цел да го подигнат социјалниот и економскиот стандард на хрватските граѓани, како и да ја поддржат економијата на земјата. Новите закони предвидуваат зголемување на социјалните надоместоци за инвалидите и родителите.

„Следната рунда даночни реформи ќе им обезбеди на граѓаните она што им е најважно – повисоки плати“, истакна Пленковиќ, додавајќи дека новите плати најверојатно ќе стапат на сила во април за март.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.