Планините и височините се неговиот втор дом: 84-годишен прилепчанец е вљубеник во природата од својата 14-та година

Благоја Костоски – Чакра

Цели седумдесет години Благоја Костоски – Чакра, пензионер, е член на планинарското друштво Козјак. Ги ,,исшпартал,, скоро сите планини во Македонија, во сите соседни држави, а и подалеку. Сега е на 84 години. Верен е на својата планинарска дружина. Одвреме – навреме прошетува до поблиските ридови околу градот.

Такаречи нема планина која не ја познава и на чиј врв не се качил да се ,,дружи,, со облаците на бескрајното небо. Витрините на Друштвото, кое според него, го формирал татко му во далечната 1938 година, се полни со пехари, медали и плакети, освоени од планинарите.

Костоски има богата и долга планинарска биографија. Не им го знае бројот на добиените признанија, пехари, плакети, награди и благодарници.

-Член сум на ПД Козјак такаречи од мали нозе. Од својата 14 година ме ,,зарази,, татко ми да го засакам планинарството. Располагам со целата документација и фотографии со сите признанија освоени и добиени од планинарите на Козјак. Подготвено е за издавање на книга од многугодишното планинарење и ,,шетање,, по планините. За жал, нема спонзори да ја издадам – вели Чакра.

За него секогаш планините билае втор дом. Таму се чувствувал, па и сега релаксирано.

-Страста за планината ме одмора и ми предизвикува чувство на задволство. Мерак е да се прегрниш со даровите на природата, со коријата, шумите, со падините, ливадите, со шумот на лисјата и крошните на гранките. Секогаш ми е прв пријател, оти не ме издава покрај нејзината суровост. Секогаш е верна за љубителите на чистиот воздух, пешачењето, походите на стрмни нагорни и на опасни надолнини. Горд сум што напорот ќе го крунисам со освојување на врвот, особено ако е сефте и прво качување – кажува Костоски.

Ги измарширал поголемиот дел од планините во поранешна Југославија, покрај македонските. Уживал во панорамите на српските ппанини, ги плакнел очите на босанските планини, ги прегазувал без мака хрватските планини, ги задоволувал сите свои чула додека се заљубувал во црногорските дивини.

Згазнал и на грчкиот трон, Олимп, го вдишувал опојот на вегетацијата на бугарските врвови Вихрен на Пирин и Мусала на Рила. Мерак останал од чешките и полските Татри, а италијанските и австриските Алпи му се врежале трајно во впечатоците.

-Сум се качил на познати врвови на Алпите. Вистинско доживување беше авантурата на кратерот на вулканот Везув. Бев млад. Планината ме викаше, а јас се одѕивав да се гушнеме. Бев и натпреварувач закитен со многу признанија – додава Костоски, планинарот кој покрај товарот на годините го држи умот и кондицијата и не се откажува од природата.

Овој веќе познат и признат планинар кој ги има минато сите одговорни и раководни функции во Козјак жали што во Друштвото членуваат стотина членови, од кои само триесетина се млади.

-Друштвото беше најактивно и славно во повеќе држави, бидејќи учествуваше на маршеви и планинарски екскурзии. Привлекуваше многу млади. Беше расадник на планинари. Во 1988 година броеше 2500-3000 членови. Солзи ми навираат и ми се стега душата како копец кога на превојот Дервен ќе ги видам голите ѕидови на планинарскиот дом. Беше граден во иста форма и големина со намена како оној што е на Водно. Жалам што, иако покренував повеќе акции, самоиницијативно барав од одговорните во Прилеп и пошироко да се изнајдат средства да се поправи изгорениот дом да му се врати функцијата, бидејќи беше еден од најубавите во Македонија. Негрижата или невнимание во 1997 година го однесе со ветрот и ги претвори во пепел со неисправната електрична инсталација. Ми е криво што не се успеав да се најдам средства за реконструкција или изградба, сите планинари да најдат закрила, засолниште па и катче за дружење. И не само за нив, туку и за оние кои не ја милуваат планината да најдат простор за престој и да се заљубат во природата – завршува Благоја Костоски – Чакра.

Посебна чест му претставува наградата за животно дело на планинарската федерација на Македонија, ,,Даре Џамбаз,,, и наградата од друштвото од Прилеп, третоноемвриската награда за големиот придонес во планинарството во 2015 година и награди од повеќе планинарски асоцијации и здруженија скоро цела поранешна Југославија. Тука е и златниот медал со повелба на планинарскиот сојуз на Македонија.

Петок со Зенит

Костоски е верен читател на неделникот Зенит. Го почнува петок, рано наутро со години, чекајќИ го колпортерот да го донесе последниот број и да седне раат дома да ги доживее низ редовите приказните на своите сограѓани, да ги осознае информациите од градот без разлика дали се од областа на политиката, културата, спортот или економијата. Локалниот живот го осознава низ мирисот на хартијата, шумот на страниците и следењето на редовите. Секое ново издание, за него е богатство на духот и уште една цигла во историјата на градот.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.