Во спортската сала на СОУ “Ѓорче Петров” во Прилеп, во организација на ППК “Младост 96”, a под покровителство на ППФМ, се одржа вториот “Телеком Мастерс” турнир за играчи до 21 година. На тунирот учествуваа повеќе од 50 играчи. Најуспешни во своите категории беа Петар Костовски и Ива Димитриевска.
Турнирот покажа дека нашата држава располага со многу млади таленти кои доколу продолжат да тренираат, за што ППФМ најмногу инвестира во младите играчи, нашиот пинг понг има светла перспектива.
Кај момчињата со својот квалитет се истакнаа победникот Костовски, финалистот Александар Рикалоски, Дамјан Стојчев… Школите во Прилеп, Крива Паланка, Виница, Крушево, Штип ги имаат најперспективните играчи во категорија на играчи до 21 година.
Во финалето се пласираа првиот и вториот носител на турнирот, а воедно и играчи на ППК “Младост 96”, Петар Костовски и Александар Рикалоски. Во многу неизвесен натпревар Костовски беше подобар со 4:3. Во полуфиналето Костовски беше подобар од А.Пецов од ППК “Вин-Спин” Виница со 4-0, додека Рикалоски подобар од Д.Стојчев од ППК “Шампиони ФА” со резултат 4-1. Без изгубен сет до полуфиналето влегоа двајцата фаворити, додека финалето беше на високо ниво, каде клубските играчи oдиграа возбудлив и натпревар на високо ниво.
Кај девојките повторно очекувано финале помеѓу Ана Стојановска и Ива Димитриевска. Овој пат поуспешна беше Димитириевска која со 4:0 ја победи Стојановска.