Десетици патници на Јуровингс останале во шок откако дознале дека пилотот на нивниот лет од Дизелдорф до Дрезден одлучил да полета без нив. Авиокомпанијата подоцна објасни дека тој сакал да полета пред да стартува забраната за ноќни летови, пренесува „Раша Тудеј“.
Инцидентот се случил во петокот на аеродромот во Дизелдорф. Патниците биле организирани во два автобуси за да стасаат за летот. Оние што биле во првиот автобус успеале да полетаат, но не и оние во вториот автобус.
Гневните патници што биле оставени на аеродромот повикале полиција. Некои од нив отпатувале со автобус до Дрезден, а некои преноќиле и го одложиле патувањето за следниот ден.
Претставниците на полицијата велат дека инцидентот се случил поради тоа што летот првично бил одложен. Првично бил закажан за 19.05 часот, но потоа поради штрајкот на италијанските аеродромски работници и лошите временски услови бил одложен за 21.35 часот.
На германските аеродроми има рестрикции за ноќни летови. Според легислативата, ЕУ има воведено рестрикција на летовите помеѓу 23.00 и 07.00 часот.