Пет помали партии и поставија услов на Владата: Ако во рок од три месеци не се изгласа ова…

Ако во рок од три месеци не се донесат измени на Изборниот законик, пратеници од мнозинството најавуваат дека ќе ја откажат поддршката на Владата, што ќе предизвика предвремени избори.

Пратеници од пет помали партии во владејачката коалиција ја условуваат нивната натамошна поддршка на новата Влада со барање во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик. Тие на 12-ти јануари доставија барање до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во најбрз рок да се закаже пленарна седница на која ќе се расправа за предлогот за измени на Изборниот законик, доставен пред 11 месеци.

„Повеќе пратеници на 5-ти март 2021 година, до Собранието на Република Северна Македонија доставивме Предлог закон за изменување и дополнување на Изборниот закон. Истиот е ставен на дневен ред на седницата закажана за 18.5.2021 година, (точка 58), но не е започната расправата. Со оглед на важноста на законот, инсистираме во најбрз можен рок да се закаже пленарна седница и да се отвори расправа по Предлог-законот. Со промените се предлага Република Северна Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел и без праг“, се вели во барањето потишано од пратениците Павле Трајанов (ДС), Маја Морачанин (ДОМ), Моника Зајкова и Боби Мојсоски (ЛДП), Љупчо Балкоски (ВМРО-НП) и Бејџан Иљас од ДПТ.

Ако во рок од три месеци не се донесат измените на Изборниот законик, најавуваат дека тоа ќе значи крај на нивната поддршка на Владата.

Барањето за измени на Изборниот законик беше дел од програмските приоритети на овие партии и инсистираа тие да бидат дел од владината програма, за што и разговарале на консултатативните средби со мандатарот Димитар Ковачевски. Откако дел од тие приоритети влегле во Програмата за работа на Владата 2022-2024, но дел не, петте партии усогласиле заеднички став: поддршката за новата влада да зависи од имплементацијата на програмските приоритети на овие партии.

„Поддршката за новата влада ќе биде условена. Инсистираме во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик. Ако во тој период не се донесат измените, тоа значи дека нашата поддршка нема да продолжи и со тоа ќе се предизвикаат предвремени парламентарни избори. Ова не е уцена, туку принципиелен став изграден поодамна, познат и промовиран во повеќе наврати“, вели претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

Потписниците на барањето, очекуваат расправата за измените на Изборниот законик да започне до крајот на јануари. Инсистираат на тие измени, бидејќи во нив гледаат единствена можност да се дефинираат основите за рамноправен политички натревар, со кои ќе се елиминираат системските предности за четирите големи партии. Досегашните обиди за измени на тој план останаа јалови. Иницијатива и дебата за промена на изборниот модел имаше и во 2019 година. И покрај ставовите дека со такви измени „највисоко рангираните партии ќе изгубат најмногу, но ќе добие демократијата“, сепак ништо не се измени, и парламентарните избори во 2020 година се спроведоа „по старо“.

Од помалите партии сега потенцираат дека не отстапуваат од барањето за итни измени на Изборниот законик. Во таа насока, претседателот на ДС направи и уште еден чекор. На 5-ти јануари годинава, тој до Уставниот суд достави иницијатива со која бара укинување на одредби од Изборниот законик со кои им се овозможува системска /монополска положба на четири партии (СДСМ, ВМРО -ДПМНЕ, ДУИ И Алијанса за Албанците) при изборните процеси.

„Во Законот 90 отсто од медиумскиот простор им припаѓа на тие партии, како и финасиските средства за изборната кампања, рекламниот простор, билборди, паноа… За илустрација: од девет минути дополнително време за медиумско претставување, осум им припаѓаат на четирите партии, а само една минута за сите други партии и независни листи. Со овие одредби четирите партии си обезбедуват огромна предност за претставување на нивните програми и кандидати за пратеници, градоначалници, советници или за претседател на државата“, рече Трајанов кога ја достави иницијативата до Уставниот суд.

Како што посочи, со тие одредби се крши уставното начело за еднаквост на партиите при настап на изборите.

Тој потсети дека во член 75 став 2 од Изборниот закон стои дека „учесниците во изборната кампања имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, известување и други облици на пропаганда чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето“, но и дека со истиот закон се руши ваквиот став и се предвидуваат фаворизирачки решенија за четирите партии две од власта, две од опозицијата, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови.

„Ваквата системска предност спречува другите партии да ги претстават пред граѓаните своите програми и да можат граѓаните да донесат одлука за кого ќе гласаат“, посочи Трајанов.

Тој изрази очекување Уставниот суд да ги укине оспорените одредби, со што сите партии и независни листи и кандидати ќе имаат еднакви шанси на изборите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.