Кога немаш ништо сработено, кога тони секој сектор во државата, добредојдена е секоја донација.
Така е и со СДСМ и нивното раководство во здравствените институции во Прилеп. Едвај чекаат некоја донација од странство, па да се пофалат и да го претстават тоа како нешто сработено – истакнаа на денешната прес конференција од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата во продолжение ја пренесуваме во целост:
“ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува донацијата на ново амбулантно возило од Турција и веруваме дека соработката со оваа пријателска држава ќе продолжи и во иднина.
Истовремено смешна и срамна е намерата на СДСМ оваа донација да се претстави како нешто сработено и инвестирано во здравството.
За тоа колку сработиле и во каква катастрофална состојба се наоѓа прилепската болница, јавноста ќе биде запознаена за многу скоро време, кога власта ќе ја преземе ВМРО-ДПМНЕ.
Дали директорот на болницата и градоначалникот Јованоски му ги покажаа овие фотографии на министерот Филипче, при некнешната посета на болницата?
Дали вака СДСМ инвестира во здравството и ги подобрува здравствените услуги за над 100.000 пациенти во регионот?
Овие фотографии се реалната слика за здравството во Прилеп и реална слика со која секојдневно се соочуваат пациентите.
Каде се ветените 100.000 плата за докторите и зголемувањето на капитациониот бод за стоматолозите од 40 на 70 денари?
Прашуваме и како е можно портпаролот на СДСМ Прилеп, Филип Попоски, инаку вработен во болницата, по којзнае кој пат во работно време да чита партиски пресови?
За потсетување, сегашното раководство ја наследи болницата во одлична финансиска состојба. Реновирани беа сите одделенија и набавена беше нова и современа апаратура.
Само 2 години подоцна, одделенијата се соочуваат со недостиг на основни средства, како завои, гел за ЕХО прегледи, анестезии….
Граѓаните секојдневно сведочат дека се приморани вакви основни медицински средства да си носат со себе кога одат на преглед.
Состојбата е уште полоша во Здравствениот дом во Прилеп, каде институцијата се соочува со тешка финансиска состојба и е затрупана во долгови, а доверителите веќе преку извршители си ги бараат парите.
Почитувани,
Ова не се лажни вести, ова е реалната состојба од владеењето на оваа однародена и аздисана власт. Ова е резултатот кога кожените фотељи се послатки од тоа да се засукаат ракавите и нешто да се сработи.
За среќа, на нивната авантура им доаѓа крајот! Доаѓа крајот на расипништовото, на понижувањата и распродавањето”.