Пендаровски експресно го потпиша законот со кој Макпетрол добива 33 милиони евра

По консултации со експерти од областа на енергетиката и правото, претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба.

Претседателот Пендаровски смета дека донесувањето на законот е во јавен интерес бидејќи државата ќе стане сопственик на целиот гасоводен систем и на тој начин ќе се отвори можност за диверзификација на изворите за снабдување со гас на нашата држава, како и дека ќе се создадат услови за дополнителни вложувања во изградба на дистрибутивната мрежа. Исто така, нашата држава ќе стане транзитна рута за други држави во регионот.

Усогласениот текст на спогодбата е направен со медијаторство на „Енергетската заедница – Виена”, меѓународна организација задолжена за усогласување на правилата и принципите на внатрешниот пазар на енергија на ЕУ со државите кандидати за членство како и соседството на ЕУ.

Во однос на забелешките и критиките дека со ова решение е нарушено начелото на поделба на власта и дека Собранието ги презело ингеренциите на судот, претседателот Пендаровски смета дека владеењето на правото е обезбедено со надлежноста на Уставниот суд да ја контролира уставноста на законите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.