Најинтересниот натпревар на отворањето на пролетната полусезона од Првата лига меѓу фудбалерите на Победа и Пелистер ќе се игра во Струмица. Победа како домаќин и официјално го избра Градскиот стадион ,,Младост,, во Струмица како терен на кој ќе биде домаќин на комшиите од Битола. Натпреварот од 19-то коло ќе се игра во недела на 19-ти февруари со почеток од 14 часот.
Поради неможност да игра на Градскиот стадион во Прилеп, но ни во Битола, за нашиот клуб постоеа неколку опции кои беа рaзгледувани. На крајот анализирајќи ги позитивните и негативните аспекти од опциите кои беа во игра, клупското раководство донесе одлука натпреварот да се игра во Струмица. Несомнено и двата клуба ќе ја имаат подршката на своите навивачи на трибините, а од ваквата одлука најмногу ќе профитираат љубителите на фудбалот од Струмица и соседните градови кои ќе имаат ретка и несекојдневна можност сезонава да проследат прволигашки фудбал.
Двата натпревари Победа-Пелистер и Пелистер-Победа од есескиот дел на првенството се одиграа во Битола и двата завршија со идентичен резултат 2-0 за битолчани. Во Победа сите се уверени дека ќе имаат трета среќа и промената на местото на одигрување за третиот меч ќе значат прва радост сезонава во дуелите со стариот ривал. Двата пелагиниски клуба оваа сезона веќе гостуваа во Струмица.
Победа на отворањето на оваа тековна сезона летоска гостуваше во Струмица каде одигра пријателски меч со Беласица, а со струмичани во куп дуел на истиот терен силите ги одмери и Пелистер.