Беранци е село Пелагонија и припаѓа во Општина Могила. До селото најлесно се стигнува по стариот пат Прилеп-Битола и се наоѓа на 17 километри од Битола.
Селото најпрвин запишано како Беранци се сретнува во 1468 година во турски документи. Се верува дека името потекнува од личното име Беран.
Всушност, легендата вели дека прв во месноста се населил некојси Беран (или Берон) од струшкото село Вевчани, кој избегал од налетот на Турците. Тука тој создал семејство и започнал да живее.
Селото е рамничарско, на надморска височина од 640 метри и е сместено од левата страна на патот Битола-Прилеп.
Беранци е поголемо село сместено помеѓу планинската падина на Древеник на запад и рамнината Пелагонија на исток. Околни села се: Долно Српци, Вашарејца и Могила.
Беранци е македонско село и според последниот попис во селото живееле 445 жители.
Над селото се наоѓа преубавиот манастир Свети Јован Крстител или познат како Беранечки манастир.
Црквата била осветена на 2 август 1879 година, поточно на верскиот празник Илинден. Од фрескописот во внатрешноста на црквата се забележува дека истата била обновена во 1979 година.
Градбата на црквата претставува крстокуполен храм со осумаголна купола, многуаголна апсида и многуаголни крила. На секоја страна од куполата има по една монофора. Влезот на црквата е сместен на јужната страна и над него има застаклен дел во кој има фреска на која е прикажан Јован Крстител. Внатрешноста е живописана, а иконостасот содржи икони во три реда.
Манастирот има голем двор со зеленило, летниковци, клупи, па дури и базен.
Дел од манастирскиот комплекс се и конаците како и неделската вода од која верниците полнат за здравје.
Кој бил знае дека Беранечкиот манастир е едно прекрасно место кое пружа вистинско уживање и одмор.