Пациентот со цистична фиброза кого министерот Meџити го нарече “шоумен”: Дај Боже вие да го доживеете истото шоу – да молиш за лек, а да нема

Пациентот Игор Пехчевски кој боледува од цистична фиброза, а за кој министерот за здравство Фатмир Меџити во интервју за „Макфакс“ кажа дека правел шоу сликајќи се во болница со транспарент преку кој бара лек, им порача на институциите: „Нема и не ви дозволувам да ме умрете млад“. Пациентот побара јавно извинување од Меџити, но досега не го доби. Побара и итна набавка на лекот „трикафта“ кој исто така не го доби.

„И покрај потешкотиите со болеста што ја имам, нема да се предадам ни на болеста ни на вас. Дај Боже вие министер Фатмир Меџити да го доживеете истото шоу, на вас и на вашите најблиски. Да молиш за лек, а да нема воопшто лек. Па да видиш што е болка“, напиша Пехчевски.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити не признаваше дека нема „трикафта“ за сите пациенти со цистична фиброза. Тој тврдеше дека дури сега се финализира протоколот кој ќе треба да покаже кои пациенти ќе треба да го примаат овој лек кој го стопира прогресирањето на болеста. Зборуваше и за случајот на пациентот Игор Пехчевски кој постојано бара терапија со „трикафта“, кого го обвини дека правел шоу.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.