Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов пречекан како најголем херој во Крушево, сведочат видеата објавени на социјалните мрежи од граѓани присутни на Мачкин Камен.
Иванов пристигна на Мечкин Камен со овации и скандирање „Македонија, Македонија“ и одржа државнички и обединувачки говор. Тој уште еднаш застана зад интересите на државата и нејзиниот народ.
За разлика од него, владината делегација не беше добредојдена во Крушево.
Министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски, го оцени говорот на Иванов како ширење омраза.
-Ѓорге Иванов не е достоен на функцијата што ја извршува. Тој денеска повторно се обиде да ја врати Македонија во изолација, каде што ја доведоа заедно со неговиот политички ментор Никола Груевски. Денеска Иванов се постави против стратешките интереси на Македонија, против ЕУ и НАТО, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски по чествувањето на двата Илиндена на Мечкин Камен, рече Манчевски.
И неговиот сопартиец, потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири не бирапе зборови за да го омаловажи претседателот на РМ. Тој го оцени говорот на претседателот како „срамен и идиотски говор на ФИКУСОТ“.
Говорот на Иванов што не му се допадна на СДСМ
Лага е дека со овој грчки договор ќе се менува само името на нашата држава. Напротив, се менува и македонскиот државен и институционален идентитет. Лага е дека со овој грчки договор не се погазува 74 годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ. Напротив, со овој грчки договор се брише и државно-правниот континуитет на идеалот на македонскиот народ да има своја држава. Се брише и 27 годишната историјата на независната македонска држава, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето на Илинден во Крушево.
– Лага е дека со овој грчки договор се гарантира членство во Европската Унија и НАТО. Без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентализам, нема членство во Унијата и НАТО. И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам. Со прифаќањето на ваквиот договор, ние само ја сечеме гранката на која седиме само затоа што некој не уверува дека во меѓувреме ќе ни израснеле крилја, посочи македонскиот претседател.
Според него, лага е дека со овој договор конечно Република Македонија ќе стане рамноправен субјект со тоа што Грција ќе не признае. Напротив, рече Претседателот, не само што се деградираат нашите стекнати права во Обединетите нации, туку спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема Република Грција. Бидејќи, со овој договор Грција стекнува право да се меша во општото добро на нашата Република.
-И конечно, лага е дека со овој грчки договор се јакне македонскиот идентитет. Напротив, со овој грчки договор правно се укинува македонскиот народ, потенцираше Иванов.
Многупати, додаде македонскиот претседател, се обидувале да ни накалемат некаков туѓ идентитет, но сепак не успеале, бидејќи нашето постоење не зависи од нив туку од самите нас.
– Затоа, сега не убедуваат сами себе да си се укинеме. Затоа, сега сакаат да го убедат македонскиот народ да изврши правно и историско самоубиство. Бидејќи од суверената волја на македонскиот народ извира и суверената македонска република, рече Иванов.
Без македонскиот народ, додаде претседателот, општото добро ќе биде сведено на ничие добро, кое секој ќе може да го разграбува и разнебитува.
-Без македонскиот народ, македонската република станува ничија земја. Бидејќи без македонскиот народ нема македонска република. За возврат на тоа ни е ветен просперитет, но по цена на нашиот идентитет. А јас се прашувам, каков ли е тој просперитет без идентитет, без слобода да се наречеме според нашето сопствено име?, нагласи претседателот на Република Македонија.
Освернувајќи се на моменталната политичка ситуација, шефот на државата оцени дека се зборува за владеење на правото, а се врши правно насилство.
-Насилството, рекол Солженицин, нема со што друго да се покрие, освен со лага, а лагата нема на што да се потпре, освен на насилство. Штом некој ќе го прогласи насилството за свој метод, мора незапирливо да ја бира лагата како свој принцип, порача Иванов на народниот собир на Мечкин Камен.
Извор: “Инфомакс”