Седум лица загинаа, а осуммина се повредени во несреќата на турскиот воен хеликоптер „Сикорски С-70“ во североисточна Турција, пренесе ТАСС.
Меѓу загинатите има воени лица и четворица цивили: жени и деца на воените лица. Едно дете е префрлено во болница со скршена рака.
Според воени извори, во хеликоптерот имало 15 лица – осум воени офицери, меѓу кои генерал, полковник и двајца мајори, и нивните семејства, кои патувале за градот Алуџра по повод празнувањето на Рамазан Бајрам.
Хеликоптерот се урнал во шумски локалитет, на 40 километри од најблиските големи населби. Се смета дека несреќата е предизвикана од лошото време.
Хеликоптерот летал на мала височина и во услови на густа магла.
Претходно премиерот Бинали Јилдерим изјави дека не се истражува верзијата за терористичка напад.
На местото на несреќата работат воени експерти кои треба да ја утврдат причината за несреќата.