Очекувајте дожд и снег – Временска најава за наредните денови

Стабилното, суво и релативно топло време за овој период од годината кое го имаме особено на повисоките и планинските места, но и релативно високата влажност во воздухот како и тивкото време условува по котлините и речните долини појава на магла и на ниска облачност, анализира Славчо Поповски.

Локално маглата е густа и условува намалена видливост, ваквата ситуација ќе продолжи и во следните неколку денови. Токму поради ова на возачите им препорачуваме да бидат претпазливи , исто така да се прилагодуваат на брзината кон условите на патот.

Времето особено на повисоките места и на планините ќе биде сончево, повремено со мала до умерена локална облачност. Поради релативно високите дневни температури на воздухот се очекува топење на снежната покривка.

Понатаму максималните дневни температури на воздухот низ државава ќе се искачуваат во интервалот од 10 до 17 степени, во најтоплите региони истите можно е да се искачат дури и малку повисоко. Да напоменеме дека овие температури се значително повисоки од вообичаените.

Во среда попладне од запад облачноста ќе започне да се зголемува, во четврток ќе имаме умерена до значителна облачност. Во вечерните и ноќните часови кон петок од запад ќе започнат повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе продолжат и во петок особено во претпладневните часови. На повисоките планини ќе има повремени врнежи од снег, сепак и покрај ова температурите на воздухот ќе останат релативно над просекот за овој дел од годината.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.