Охриѓанецот Чеди Осман после натпреварот од NBA All-Star: “Ги претставувам и Турција и Македонија и им испраќам љубов”

Играчот на Кливленд Кавалирс кој е роден во Охрид, синоќа на натпреварот наменет за дебитанти од NBA All-Star викендот, настапи со уникатни патики на кои беше насликано македонското и турското знаме.

После натпреварот кој екипата на САД против екипата од Светот го доби со 161-144, на Фејсбук страната на Кливленд Кавалирс беше објавена следната порака:

“Навистина сум среќен што сум тука вечерва и што настапувам на овој натпревар. Беше многу забавно. Роден сум во Македонија и ја претставувам вечерва Турција. Двете знамиња на моите патики покажуваат дека ги претставувам и им испраќам љубов. Знам дека тие ме поддржуваат без разлика на се”, изјавил Чеди Осман после синоќешниот меч за дебитанти на НБА All-Star викендот, кој оваа година се одржува во Шарлот.

Својата кариера Чеди Осман ја започна во Кошаркарскиот клуб Босна, а во 2007 година потпиша за Анадолу Ефес. Поради неговото турско потекло веднаш беше прифатен и во турската репрезентација каде и денеска настапува.

Во сезоната 2011/12 бил позајмен во Пертевниал, а летото во 2012 потпишал професионален договор со Анадолу.

На 25 јуни 2015 година, Осман бил избран како 31 играч на драфтот од екипата на Минесота, а во 2017 година премина во Кливленд Кавалирс.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.