Охрид: Сопственикот поитал за на плажа, а по него во вода запливал и автомобилот (Видео)

Автомобил “тојота” со охридски регистарски таблички, падна во водите на Охридското Езеро. Во комплексот Горица, недалеку од плажата од каде што започна акцијата за рушење на дивоградби, охриѓанецот кој побрзал да се разлади во езерските води, очигледно заборавајќи ги правилата на прописно паркирање, го заклучил автомобилот и се симнал на плажата. Но, набрзо по него и тојотата се спушила во вода. Многумина поитаа да видат што се случи, оти веста брзо се раширила низ охридската чаршија – oбјави “АЛФА ТВ”.

„В чаршија под муренкана ми покажа човек што го сликал ова и дојдовме да видиме ние сеирџии, да видиме што се случува. Се истркалала колата, не ја кренале рачната, не ја ставиле во брзина и си се истркалала во вода. Шуќур што нема зијан по луѓе, иначе колата се прави“, вели охриѓанецот Кире Нанче.

Правилата на сообраќајна култура треба да се почитуваат но се случува, сите правиме грешки, коментираа присутните – среќа што во тој момент на плажата немало луѓе, оти автомобилот буквално ќе паднел врз нив. Со бродот на Хидробиолошкиот завод и со помош на уште едно пловило, тојотата откако ја обезбедија со појаси и јажиња, ја одвлекоа до плажата од каде понатаму со механизација беше извлечена на копно.

Локацијата која што беше позната по неуспешниот, а долго најавуван проект за изградба на луксузен хотел од ланецот „Small luxury hotels“, од денес ќе биде позната како актрактивна локација од која автомобили сами скокаат во вода-охриѓани вака се мајтапат додека сопственикот, ги собираше деловите од автомобилот, на ридот од каде колата се стркала во вода.

На помош на автомобилот му пристигнал багер, кој го вадел „давеникот“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.