После денешната ждрепка во ФФМ, Големо Коњари и официјално е нов второлигаш – потврдија предмалку од клубот.
Покрај клубот од прилепско, ждрепката беше наклонета и кон Осогово, а среќа немаше екипата на Преспа.
Ждрепката следуваше откако вчера екс прволигашот БЕСА од гостиварско Добри Дол, сепак одлучи да се натпреварува во Втората лига, иако претходно се изјаснија дека немаат намера да настапуваат во второто по ранг фудбалско натпреварување.
Тоа првично значеше дека сите три поразени екипи од бараж дуелите во Третата лига ќе станат второлигаши, но на крајот тоа беше одлучено преку ждреб.
-Заслужен влез во Втора лига. Заокруживме уште една успешна фудбалска сезона во која завршивме на првото место и обезбедивме влез во Втора лига. Честитки до сите играчи, благодарност до сите правни и физички лица кои помогнаа за уште една успешна сезона. Управата на ФК Големо Коњари им честита и ги поздравува сите симпатизери и поддржувачи кои искрено го сакаат клубот. ФК ГОЛЕМО КОЊАРИ во иднина ќе биде стабилен второлигаш и достоинствено, гордо и спортски ке се натпреварува во Втората фудбалска лига – напишаа предмалку од прилепскиот клуб.
Второлигаши во новата 2025/26 сезона ќе бидат: Победа (Прилеп), Големо Коњари (Големо Коњари), Беса (Добри Дол), Брегалница (Штип), Детонит (Радовиш), Саса (Каменица), Охрид (Охрид), Беласица (Струмица), Кожуф (Гевгелија), Скопје (Скопје), Новаци (Новаци), Вардар (Неготино), Осогово (Кочани), Тетекс (Тетово), Шкендија (Арачиново) и Слога (Виница).