Отворен саем на книги во рамките на “Битфест 2025” во Битола (ФОТО)

Под слоганот „Светот во страници“, во рамките на Битфест 2025, беше отворен саемот на книги, под платото на Народниот театар во Битола.
Седум учесници, со свои штандови и различна литература, ќе го доближат пишаниот збор до секоја генерација, преку ликовите за најмладите, до
литература која ги задоволува вкусовите на најприбирливите читатели. Со сопствен штанд со книги е застапена и НУУБ „Св. Климент Охридски“
Битола, а меѓу излагачите се и „Бата прес“, „Антолог“, „Прозарт медиа“, „Топер“, „Матица македонска“ и „Збор“.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Тони Коњановски истакна дека патувањето низ страниците на пишаниот збор е вистинско
патување кон себе си, надежта, кон непознатото, но и кон научните достигнувања и стручните, експертски анализи.

„Вечерва со отворањето на овој Саем на книги, битолската ризница на научната мисла и пишаниот збор НУУБ „Свети Климент Охридски“, активно
работи на доближување на пишаното богатство, до сите наши сограѓани, а пред се до нашите најмлади, кај кои мораме сите заедно да ја
поттикнуваме љубопитноста, а со тоа да ги поттикнуваме да читаат, зошто нели и нивниот омилен херој – Спајдермен – чита. Битола е град со голема културна историја, а многу битолчани се веќе докажани читатели, зошто книгата е нашата најмоќна врска со минатото, со сегашноста, но и со визијата за иднината.

Затоа, на овој настан, создаваме можности, но славиме и идеи, мисли, соништа и светови што се отвораат преку читањето. Од срце им благодарам на организаторите, на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, и на сите учесници, кои вложија љубов и ентузијазам во оваа приказна што верувам ќе трасира нови патишта на животен напредок, кај секој оној што ќе избере добра книга од богатиот избор на наслови на овој саем“, рече Коњановски.

Пред присутните се обрати и директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“

– Битола, Емилија Стефановска Давкова. Саемот на книги ќе биде отворен за сите посетители до 1 август, кои по саемски цени можат да ги набават своите омилени дела.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.