Заменик министерот за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски и градоначалникот на општина Кривогаштани Тони Заткоски вчера го отворија новиот бесплатен интернет клуб, во рамки на проектот на МИОА, „Светот на дланка“. Станува збор за 31- от по ред бесплатен интернет клуб кој се отвора на територијата на Република Македонија.
,, Ова е континуиран проект кој тече од 2007 година. Владата на Република Македонија го имплементираше во повеќе општини во нашата држава, со цел граѓаните да имаат полесен пристап до интернет содржините и да се намали дигиталниот јаз„, истакна Муцунски, заблагодарувајќи се за одличната соработка со општината.
Градоначалникот на општина Кривогаштани Заткоски изрази благодарност до Министерството и Владата, истакнувајќи ја важноста од отворањето на овој бесплатен интернет клуб за општината и околните населени места. Министерството ја обезбеди компјутерската опрема, масите и столчињата, а општината Кривогаштани го обезбеди просторот, интернет конекцијата и лице кое ќе работи во клубот.
Имајќи ги предвид позитивните резултати од овој проект, мрежата на бесплатни интернет клубови оваа година беше проширена на уште 3 општини во Република Македонија: Липково, Велес и Кривогаштани.