Осум години ракометар, две години судија, води и портал за ракомет, Давид Маркоски од Прилеп е инспиративно младо момче кое ги следи своите соништа

Давид Марковски од Прилеп е актуелен ракоментен судија за млади категории. Осум години се занимавал со ракомет како играч, а последните две веќе е судија во младинските категории во Македонија. Нераскинлив дел неговите професионални ангажмани во последните шест години е и веб порталот МК РАКОМЕТ, еден од ретките вакви медиуми во Македонија, каде вљубениците во овој спорт редовно можат да се информираат за новостите во ракометот кај нас и во странство. Во краток разговор во продолжение, Давид ни открива како и кога го засакал ракометот и кои се неговите планови за во иднина.

Давид кажи ни кога и како започна кај тебе да се развива љубовта кон ракометот?
– Па тоа се случи на мои 14 години. Ракометот го засакав како спорт затоа што се игра со рака и не е многу тежок спорт. Се’ започна со гледање натпревари пред ТВ екраните, за потоа да одлучам и да влезам во ракометните води.
Колку време се занимаваше со ракомет, а колку време си ракометен судија и какви натпревари судиш?
– Со ракомет се занимавав осум години, играв во РК Макалоски, а тренирав и во РК Прилеп. Ракометен судија сум веќе две години. Судам младински категории, и тоа во пионерска, кадетска и во младинска лига.
Имаш и твој портал за ракомет, за што известуваш таму?
– На мојот портал за ракомет МК Ракомет се известува за ракометот во Македонија, но и пошироко. Ќе најдете информации за трансфери на играчите од целиот свет и во Македонија, за младински, за сениорски репрезентации, за натпревари во Македонија, но и во странство.
Кои се твоите планови за во иднина?
– Во иднина планирам да се занимавам со ракометот како новинар и мојот вебсајт и страница МК Ракомет да растат. Секако ќе продолжам да работам и како судија, при што се надевам дека ќе го достигнам нивото и во иднина ќе судам во некои поголеми лиги.
Вебпорталот МК РАКОМЕТ и сите новини во ракометот можете да ги следните на линковите во продолжение:




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.