Основните училишта добиваат фотоволтаици

Помали сметки со соларни панели. Сите основни училишта во Кисела Вода, како и две во Карпош и едно во Зелениково до средината на мај ќе добијат фотоволтаици. Проектот вреден 11 милиони денари се изведува преку Владата и Скопскиот плански регион со кофинансирање на општините кои учествуваат.

„Правиме огромен чекор кон заштеда на енергија, намалување на финансиските трошоци и зачувување на животната средина. Преку користење на обновливи извори на енергија, училиштата стануваат енергетски понезависни, што значи дека значителен дел од средствата кои досега се трошеа за електрична енергија ќе можат да се пренасочат во подобрување на наставните услови и образовниот процес“ вели Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода

Ова е дел од поголем проект на Владата со кој ќе се работи на зголемување на енергетската ефикасност на училиштата низ Македонија.

„Јас како министер за образование и наука, потпишав грант од над милион евра за енергетска ефикасност на над повеќе од 50 училишта ширум државата кој е веќе во процес на обработка. Освен тоа што ќе ја заштитиме животната средина ние придонесуваме и за здрав живот на граѓаните, односно на најмладите што се наоѓаат во овие училишта, што за разлика од претходната Влада не било фокус, вие добро знаете дека таму беа фокус некакви бизнис интереси и дистрибуција на штетни горива и други енергенси“ вели Весна Јаневска, министер за образование и наука

Училиштата се веќе мапирани и обезбедена е потребната документација, како и согласности од ЕВН за поставување на системите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.