Во Скопје се одржа третата меѓународна конференција за климатски промени организирана во рамките на проектот на УСАИД на која учествуваа домашни и меѓународни експерти, граѓански организации од земјата и регионот, научници и практичари од областа на адаптацијата и ублажувањето на климатските промени, експерти за одржлив развој како и претставници од приватниот сектор. Општина Прилеп учествуваше на конференцијата како една од десетте општини кои беа директно вклучени во овој проект.
Во Општина Прилеп преку овој проект беше изработена Стратегија за климатски промени за периодот 2017-2022, а за реализација е избран Проектот за санација на старите градски извори.
Пред присутните се обрати директорот на мисијата на УСАИД во Македонија Џејмс Стајн кој порача дека сега треба да се гради врз темелите кои ги постави овој проект.
„Главна цел на проектот беше да се зголеми отпорноста на локалните заедници и да се зајакне нивниот капацитет за да можат да одговорат на предизвиците како поплави, ерозија и управување со водните ресурси. Работевме на зајакнување на капацитетите на десет македонски општини со припема на пристапот „Зелен Агенда. Оваа конференција одбележува клучен момент за УСАИД и нашите партнери и ни дава можност да погледнеме наназад на заеднички постигнатиот напредок во изминативе четири години во справувањето со локалните предизвици на климатски промени со кои е соочена Македонија“ рече Стајн.
Проектот имаше про-активен пристап во прилагодувањето кон климатските промени и даваше приоритет на стратегиите базирани на локални потреби. Во него се работеше заедно со локалните власти, граѓаните и граѓанските здруженија на изработка на ефикасни, локално создадени и во локална сопственост стратегии за намалување на јаглеродните емисии и унапредување на адаптацијата. Имплементирани се вкупно седумнаесет капитални мерки, во десетте партнер општини, кои ќе им помогнат на најранливите жители да ја зголемат отпорноста кон климатските промени.