Општина Новаци ќе субвенционира 50 домаќинства за набавка на климатизери (Видео)

Едно од предизборните ветувања во првите 100 дена на градоначалникот на Општина Новаци Стевче Стевановски започна да се реализира. Денеска е објавен јавниот повик за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди на кој можат да аплицираат само жителите на оваа општина.

„Тоа беше едно од моите ветувања во предизборната кампања односно во мојата програма со која излегов пред граѓаните на Општина Новаци дека во првите 100 дена ќе започнам со реализација на три проекти а обезбедувањето на високоефикасни клима уреди беше едно од моите три ветувања кое ќе биде реализирано во 100 дена од преземањето на мандатот во Општина Новаци. Впрочем ќе претставува проект со кој ќе ги субвенционираме нашите жители во висина од околу 20 000 денари бруто износ за обезбедување на високоефикасни инвертер клима уреди . Сумата ќе биди подеднаква за сите поднесени барања без разлика колкава ќе биде вредноста на обезбедениот клима уред.“ рече градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевавски.

Распределбата на средствата за субвенционирање на овој јавен повик ќе се врши врз основа на уредна и комплетна документација според редоследот на поднесување на пријавите. Неуредните и некомплетните документации ќе бидат отфрлени и нема да бидат земени предвид при одлучувањето и распределувањето на средствата за субвенционирање.

„Ќе треба да ги задоволат соодветните критериуми кои ќе ги бараме во јавниот повик кој денес ќе биде јавно објавен и граѓаните ќе треба да ги исполнат соодветните услови пропишани во повикот и ќе може да аплицираат во просториите на Општина Новаци, каде што ќе формираме и Комисија која ќе ги разгледува тие барања и ќе излези на терен ќе ја увиди фактичката состојба при вградувањето на климатизерите и врз основа на целокупната таа документација ќе донесиме одлука за субвенционирање на поднесеното барање. “ рече Стевановски.

Максималниот износ на субвенцијата што може да го искористи еден барател – носител на домаќинството изнесува 20.000,00 денари во бруто износ со вклучен персонален данок. Доколку трошоците за набавка се повисоки од максималниот износ на субвенцијата , разликата над тој износ останува на трошок на барателот.

„Вкупната сума на обезбедени средства ќе изнесува 1 милион денари за овај повик и се обезбедени од Буџетот на Општина Новаци , тоа го направивме како ребаланс на буџетот за оваа година , ако заинтересираноста и ефикасноста на овај проект е позитивна во наредната година ќе предвидиме мерка која исто така ќе ја продолжиме во насока на заштита на животната средина и субвенционирање на набавка на високоефикасни инвертер клима уреди “ рече Стевановски.

Целта на јавниот повик е да ги стимулира домаќинствата во општина Новаци за користење на извори на енергија за затоплување на своите домови кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, да ги заменат печките на тврди и фосилни горива кои ги користат за затоплување на станбениот простор во кој што живеат, преку субвенција за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди.

Право на учество на јавниот повик имаат сите физички лица – жители на општина Новаци, кои се носители на нивните домаќинства кои жителството ќе го докажат со поднесување на копија од важечка лична карта или патна исправа, барање, имотен лист, изјава заверена на нотар и фактура или фискална сметка за набавка на високоефикасен инвертер клима уред во периодот од денот на објавувањето на јавниот повик до крајниот рок за пријавување односно 19.11-19.12.2021 година.

Пријавувањето за јавниот повик ќе биде лично со доставување на документите во плик во архивата на општина Новаци.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.