Општина Битола тргнува во сериозна трансформација на старото градско јадро, со нови правила за урбаната опрема, ред во јавните површини и целосно преуредување на изгледот на Широк сокак.
На денешната седница на Советот, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, најави дека градот конечно добива стратешки документ кој ќе стави крај на долгогодишниот урбан хаос и ќе донесе европски изглед во централното подрачје.
„Како Општина сериозно и темелно ги решаваме проблемите во градот. Урбаната опрема ќе ја има, но во форма каква што доликува на европски градови“, истакна Коњановски.
Новата програма за поставување урбана опрема опфаќа многу повеќе од просторот пред кафулињата – таа ги регулира сите јавни површини, вклучително и билборди, киосци, клупи, канделабри и детски реквизити.
Една од најголемите промени се однесува на Широк сокак. Според новите правила, повеќе нема да има оградување на просторот пред локалите, особено во зимскиот период – нешто што со години беше мета на критики од граѓаните.
Истовремено, се најавува и целосно отстранување на киосците од централното градско подрачје, кое е заштитена зона, додека билбордите веќе се делумно отстранети од центарот.
Коњановски потенцираше дека целта е Битола да добие урбан, модерен и европски изглед, каков што граѓаните очекуваат и го гледаат во другите градови.
Покрај ова, Советот ќе расправа и за нови правила за поставување тезги и трицикли во Градскиот парк и шеталиштата, како и за утврдување на почетни цени за закуп на микролокации.
Со овие мерки, Општина Битола најавува крај на импровизациите и воведување ред во користењето на јавниот простор, со јасна цел – поубав, поорганизиран и функционален град за сите граѓани.

























