„Она што денес го зборува Захариева Заев го има ветено, Милошоски ќе ја свика собраниската комисија за надворешни работи“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во денешната комуникација со граѓаните во живо на Фејсбук, на прашање зошто владата не реагира на провокациите на Бугарија и што ќе правиме ако Бугарија не блокира во ЕУ, Захариева тоа и го потврди кога кажа дека нема Европска Унија без признавање на бугарски корени, одговори дека во моментот најважно е Македонија да ја одржи таа меѓувладина конференција во ЕУ што би значело симболичен почеток на преговорите. Исто така Мицкоски информира дека во текот на следната недела ВМРО-ДПМНЕ ќе свика одржување на седница во рамките на парламентот, на која што ќе може отворено да се разговара за македонските црвени линии.

-И покрај тоа што овој лажлив политичар не убедуваше уште пред две ипол години дека треба да се радуваме и дека сме ги отпочнале преговорите. И порај тоа што овој лажлив политичар заедно со неколкумина негови послушници не убедуваа дека го заштитиле македонскиот јазик и идентитет, сега гледаме дека ниту го заштитиле и тоа сега е и главната пречка да се случи тој почеток на преговорите. И сега ние на крајот треба да видиме каде е почетокот, каде е генезата на сето ова, а почетокот е оној момент кога се случи овој човек да биде избран за премиер. Бидејќи од тука започнуваат сите проблеми во Македонија за секој граѓанин без разлика на неговата етничка припадност. Бидејќи политичкото функционирање се темели на поткуп, притисоци, закани, уцени и лаги. Буквално никаква креативност, никаква стратегија, никаква визија за понатаму. И сега се чудам каде ги снема неговите слуги и во опозицијата сегашна, кои што во тоа време го фалеа неговиот потег кога одлучи да се откаже од уставното име Македонија, велејќи дека тоа биле мудри политики и визионерски потег, а денес ги нема нигде да кажат по некоја реченица, рече Мицкоски.

А вистината е следна, продолжи претседателот Мицкоски. Имено, европскиот пратеник Андреј Ковачев рече дека ако сака Македонија да го отпочне процесот со преговори, што тоа го потврди и министерката за надворешни работи Захариева, тогаш ќе мора да прифати и да каже дека современата македонска нација, јазик и држава се темелат на бугарски корени.

-За волја на вистината еден врвен бугарски политичар на еден од состаноците на Европската народна партија ми рече дека сето ова е ветено од страна на Зоран Заев и дека кога тој бил тогаш во опозиција ги убедувал дека најважно е тој да стане премиер, а за другото нема никаков проблем. Тогаш беа упатени многу критики до нас во ВМРО-ДПМНЕ дека ете не сме сакале да преговараме, но ние сме се уште на истиот став дека таа тема не заслужува разговори и преговори. Бидејќи македонската нација и држава си имаат свои корени, посочи Мицкоски.

Ова нема никаква врска со европските вредности, и тој во денешното видео обраќање апелираше до источниот сосед, а истовремено и до Европа да ја одржи таа прва меѓувладина конференција, да отпочнат преговорите, бидејќи најмалку што им должи ЕУ и нашиот источен сосед на македонските граѓани, без разлика на етнички верски состав, е токму тоа да се даде надеж и европска перспектива за Македонија.

-Бидејќи заедно се боревме против фашизмот, заедно се ослободивме од лошите форми на комунизмот, бевме и домаќини на стотици и стотици бегалци за време на косовската криза, го одржавме мирот за време на кризата во 2001-ва година, и затоа мислиме и цениме дека најмалку што заслужуваат македонските граѓани е во декември да отпочнат преговорите со ЕУ. А ние како партија, преку пратеникот Антонио Милошоски кој е претседател на собраниската комисија за надворешни работи, во текот на следната недела ќе свикаме одржување на седница во рамките на парламентот, на која што ќе може отворено да се разговара за македонските црвени линии, ќе бидат поканети политичари од власта, како и министерот за надворешни работи и Зоран Заев, па ќе можат отворено да зборат за сето тоа што го лажеа македонскиот народ изминативе четири години дека имаат загарантирана европска перспектива, истакна Мицкоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.