Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци испрати соопштение во кое се оградува од градоначалникот на градот кој доаѓа од нивните редови. Партискиот огранок на опозицијата, со јавна осуда до Јанчев за неговите, сега веќе јавни залагања во собранието да поминат уставните измени со 2/3 мнозинство.
Соопштението на ОК ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци, ви го пренесуваме во целост:
“Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци се оградува од изјавите на градоначалникот Митко Јанчев и најостро ги осудува неговите активности во делот на обезбедување на двотретинско мнозинство за уставни измени и за спроведување на штетниот, капитулански и асиметричен договор со нашиот јужен сосед.
ОК на ВМРО-ДПМНЕ ги почитува одлуките на партиските органи и нивниот јасно изразен став за неменување на Уставот со цел промена на уставното име. Истовремено го потсетуваме градоначалникот дека тој мора да ја почитува волјата на мнозинството граѓани, кои недвосмислено на 30-ти септември го искажаа својот став и застанаа против промена на Уставот, а со тоа и промена на уставното име. ОК на ВМРО-ДПМНЕ целосно го поддржува Претседателот Христијан Мицкоски во неговите напори за евро-атланска интеграција на Македонија и влез во овие структури под Уставното име.
Го повикуваме градоначалникот Јанчев утре да се приклучи на протестот, заедно со неговите соборци од локалните избори, со луѓето кои стоеа рамо до рамо со него, кога оваа инсталирана хунта на власт го апсеше како кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.
Јавно го прашуваме градоначалникот, кои се опструкциите што ги прави Претседателот Христијан Мицкоски и во која насока е неговата “конструктивност” заедно со поранешниот министер Никола Тодоров?
Доколку се повикувате на транспарентност во носењето на уставните амандамани, од каде ви е потребата да се договарате со фамилијата Заеви во хотел, далеку од очите на јавноста?
И за крај сакаме да го прашаме Митко, дали се консултира со граѓаните кои и покрај големите притисоци од страна на неговиот сегашен пријател, аболицираниот криминалец Заев, го дадоа својот глас за него како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. После овие постапки на градоначалникот, Општинскиот комитет во наредниот период ќе направи темелни анализи и ќе донесе соодветни одлуки за делувањето на партијата на локално ниво. – стои во соопштението на партијата”.
Осудата на неговите сопартијци кон Јанчев, доаѓа откако тој за ТВ24 изјави дека заедно со Никола Тодоров ќе му помогнат на премиерот Зоран Заев против опструкциите кои ги планира лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, кој според него, имаат за цел да ги саботираат уставните измени.
Јанчев потврди дека во саботата во Струмица заедно со екс-министерот за здравство Тодоров се сретнале со Заев на негово барање и пеле кафе.
– Ветивме помош против опструкциите од страна на Христијан Мицкоски во делот на уставните амандмани во интерес на државата. Тоа ќе биде транспарентен процес без задни намери за никого. Јас како Митко Јанчев очекувам што повеќе пратеници да се вклучат во процесот на уставни измени се со цел да се подобри Договорот од Преспа и да се зајакне идентитетот за доброто на сите граѓани на Р.М. – вели Јанчев за ТВ 24.
Со оваа негова изјава се потврдува одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да го смени од функцијата – потпретседател.
На средбата на Заев со двајцата исклучени неодамна исклучени од својата матична партија воопшто не бил споменат притворот на Сашо Мијалков, вели тој. За него, тоа е процес кој го водат правосудните институции и во кој тој и Тодоров немаат намера да се мешаат.