Од 13. септември УЈП присилно ќе наплаќа – објавен списокот на должниците

ujp-1

Повеќе од 85 000 граѓани се под закана за блокада. Управата за јавни приходи објави список на граѓани на кои им е доставено решение за присилна наплата на радиодифузна такса. На новата септемвриска листа се 85 790 физички лица на кои ќе им биде блокирана сметката и присилно ќе се наплатат долговите за РДТ.

“На овој список се граѓани, должници од целата земја. УЈП практично објави список на сите оние за кои има уредна достава на решенија за присилна наплата“ – велат од Управата за јавни приходи.

Од даночната управа ги повикуваат граѓаните кои се наведени на должничката листа најдоцна до 13 септември да ги подигнат Решенијата за присилна наплата на радиодифузна такса во просториите на УЈП, во надлежната Регионална дирекција, според место на живеење.

“Доколку обврзникот има извршено уплати на радиодифузна такса во периодот од опомената/известувањето до изготвување на Решението за присилна наплата, потребно е да приложи докази при приемот на Решението, како би можел даночниот орган да ги земе во предвид и да спроведе правилна постапка на присилна наплата.

Доколку должникот – обврзник на радиодифузна такса наведен во „Листата за уредна достава на решенија за присилна наплата на радиодифузна такса“ бр.22-5344/1 од 02.09.2016 година не се јави и не изврши прием на Решението во наведениот рок, Управата за јавни приходи ќе изврши и еднократна објава во „Службен весник на РМ““ – се наведува во известувањето на УЈП.

Доколку должникот не се јави во УЈП, селдува објава во Сложбен весник по што ќе се спроведе и присилна наплата, со блокирање на сметките.

“По објавата во „Службен весник на РМ“ ќе се смета дека е извршена уредна достава на Решенијата за присилна наплата на радиодифузна такса од Листата објавена на веб страницата на УЈП, а сите евентуално негативни последици кои би можеле да настанат од неподигањето на решението и спроведување на постапката за присилна наплата ќе ги сноси обврзникот за радиодифузна такса“ – соопштуваат од УЈП.

Остри критики за начинот на наплата, на крајот од минатата година упати Народниот правобранител. Според поплаките од граѓаните што стасале на адреса на канцеларијата на правобранителството, имало бројни примери на жалби поарди неоснована наплата на РДТ на лица кои повеќе од две децении не живеат во земјава, а мора да ја плаќаат давачката. Потоа , двојна наплата на такса – во едно семејство и по двајца обврзници.

““РДТ се наплаќа на иселеници кои и по повеќе од две децении живеат надвор од земјава но и од социјално ранливи категории на граѓани. Итно е потребно да се прочисти регистерот на обврзници за да се поштедат граѓаните од дополнителните трошоци“, рече народниот правобранител Иџет Мемети.

Побара итно да се обноват списоците на обврзници и обвновени и ревидирани до се доставата до УЈП со цел да се елиминираат грешките, а со тоа да се поштедат граѓаните од дополнителни трошоци не само за такса, туку и за блокада на сметките. Во 2013 година поради лошиот начин на формирање регистар на должници до народниот правобранител биле поднесени 100 поплаки.Во 2014 нивниот бројот се зголемил 4 пати а годинава бројот се зголемил за 100 %. Поради влошување на состојбите,Народниот правобранител до владата и парламентот доставил посебен извештај со предлог мерки за подобрување на состојбите.

На крајот од 2015 година започна операцијата за прочистување на списоците, поради што имаше и задоцнување во испораката на сметките. Од УЈП тогаш потврдија дека причината е прочистувањето на списоците.

“Ве информираме дека поради потребата од дополнителни проверки на базите на податоци за РДТ и координативни активности со ЈП МРТ, решенијата за Радиодифузна такса ќе бидат доставени до обврзниците во наредниот период“, соопштија од УЈП.

Во земјава има близу 500 000 обврзници и во однос на бројот на должници, скоро секој шести не ги плаќа сметките.

Додека по налог на МРТВ се спроведува и овој бран на присилна наплата, јавното радиодифузно дрштво се појави на најновата листата должници на државата, по основ на доспеани а неплатени обврски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.