Од утре пад на температурите со пороен дожд, грмежи и град

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека утре попладне ќе настапи значителна промена на времето во Македонија. Претпладнето ќе биде сончево со умерена облачност, а попладне на повеќе места ќе има нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на град.

 

dozd

Повеќе врнежи ќе има во вечерните и ноќните часови кон сабота, особено во северните делови, каде што локално се очекува да наврнат над 25 литри на метар квадратен.

Утринската температура ќе се движи од 14 до 22, а дневната од 30 до 36  степени.

Во Скопје претпладне времето ќе биде сончево со умерена облачност, а попладне и особено во вечерните часови ќе биде нестабилно облачно со пороен дожд и грмежи, како и засилен северен ветер.

Утринската температура ќе се спушти до 21, а дневната ќе се искачи до 33 степени.

За време на викендот ќе преовладува променливо облачно и значително посвежо и ветровито време со локални врнежи од дожд. Дневната температура ќе опадне за повеќе од 10 степени во однос на денешната и ќе биде во интервал од 20 до 29 степени.

Од понеделник се очекува стабилизирање на времето со постепен пораст на температурата.

До вторник ќе дува умерен до засилен северен ветер.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.