Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, во придружба на министерот задолжен за странски инвестиции Бардул Даути и градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски, реализираше работна посета на компанијата Комфи Ангел во Прилеп, при што се сретна со менаџментот на фирмата и изврши обиколка на производствениот погон со цел да се запознае со инвестициските процеси во компанијата.
Анѓушев не ја искористи посетата на Прилеп да се сретне со Синдикатот и вработените во прилепскиот загубар “Eурокомпозит”.
Над 200 работници, од кои половината се технолошки вишок, минататиот петок се собраа во кругот на прилепската наменска фабрика, изразувајќи го својот револт што не се исполнува ниту најавата, ниту ветеното, со исплатата на отпремнините и две плати за да се продолжи со работа.
– Сите овие луѓе се чувствуваат изиграни од раководството и од владата. На прогласените за технолошки вишок за денеска им беше ветено дека ќе добијат по 50 000 денари, дел од отпремнината, а за 100-ината кои се останати, по две плати и да продолжиме со работа. Досега парите не се исплатени. Најновата информација што ја имаме од раководството е дека денеска на име отпремнини ќе им исплати по 25. 000 денари од ветените 50. 000 денари, а тие имаат за земање вкупно по 90. 000 до 100. 000 денари отпремнина, а нам, наместо две плати ќе ни бидат исплатени по 8.000 до 10.000 денари. Луѓето ќе бидат селектирани. По контактот со директорот и со претставникот на држвниот капитал слушнавме различно: претставникот вели дека отпремнините по 50.000 денари ќе ги добијат, а директорот вели дека нема толку пари. – изјави минатата недела Роберт Богданоски претседател на синдикатот на „Еурокомпозит“.
Анѓушев за време на денешната средба во “Комфи Ангел” даде и изјава за медиумите каде меѓудругото посочи:
–Веќе имаме две понуди во рамките на Владата од странски инвеститори за превземање на Еурокомпозит и купување, со решавање на останатите плати на вработените и што е многу поважно, сакаме да видиме дека таа компанија ќе има извесна иднина. Ова денеска го изјави во Прилеп, вицепремиерот Кочо Анѓушев, според кого целиот процес околу оваа државна компанија можеби изгледал дека се одвива споро, но затоа се водел квалитетно.
Но, сепaк не беше прециизирано до кога ќе се чека на нови понуди за купување на Еурокомпозит и кога конечно ќе заврши голготата на оваа фабрика. Според Анѓушев опремнината ќе се исплаќала онака како што компанијата ќе имала финансиски средства, но тоа според него бил помалиот дел од проблемот, кој ќе бил решен во пакет.
Инаку 100-те вработени во Еурокомпозит пред некој ден добија само по 8.000 денари плата, а додека останатите 130 кои заминаа како технолошки вишок, добиија само 25.000 денари како отпремнина.
Се заканија дека ако до 25 декември не добијат уште 25.000 денари ќе започнат штрајкови со блокади на улици и патишта.
Вкупно треба да добијат по околу 90.000 денари пари за отпремнина, а во текот на овој месец уште 24 мина од Еурокомпозит треба да заминат како технолошки вишок.