Манастирот Успение на Пресвета Богородица во село Матејче, еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност во нашата земја, кој е оштетен во воениот конфликт во 2001 година и подолго време е мета на вандализам и кражби, ќе биде заштитен како културно наследство во опасност, рече министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска на денешната прес конференција.
Предвидени се 1, 5 милион денари за мерки за заштита на манастирот во Матејче. Ќе се продолжи и со реконструкција согласно насоките од надлежните институции. Во комуникација со министерството за транспорт и врски ќе се санира и патот до манастирот.
Пред две години (2021) во рамки на годишната програма на годишната програма за финансирање на проекти од областа на заштитата на недвижното наследство за 2021 година, на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар, Министерството за култура одобри проект за заштитни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата во Матејче во износ од 1.000.000 денари. Во текот на 2020 година на барање на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар беа одобрени 300.000 денари за реализација на ургентни превентивни интервенции на црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот Матејче кои беа спроведени во првата половина на месец ноември и опфатија корективни мерки на оштетените и одвоени елементи од кровниот покривач од црквата и третман на споевите со ѕидните површини, како и затворање на оштетените стакла кај транзените на црквата.
Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.