Одблиску со младиот и шармантен водител

Димитар Атанасовски е амбициозен ТВ водител со многу реализирани проекти и стекнат огромен респект од македонската публика во ТВ етерот. Постојано позитивен и насмеан, Димитар е една од најсветлите точки на националната телевизија кај нас. За маркукуле.мк раскажува за почетоците на својата кариера, за неговото учевство на “Taнц со ѕвездите”, своите желби и интереси. Од поново време, Димитар работи уште како Маркетинг директор во фабриката за идеи како што ја нарекуваат, Идеа Лаб.

 

За почеток, кој е Димитар Атанасовски?

Димитар Атанасовски е една темпераментна личност, која сака да ги користи 25 од можни 24 часа во денот. Сака многу да работи, сака успешно да работи и да се посветува на работата за да има резултати.

Кој те вовлече во светот на медиумите?  

“Ова ме враќа на 18-годишна возраст, а како да било пред 100 години. Сосема случајно, пријателка на чичко ми којашто работи во МТВ ми кажа дека има аудиција за млади и нови водители во нашата национална телевизија. Јас бев голем противник да се појавам на таква аудиција зашто мислев дека водителството и медиумнот не се нешто што би сакал да го работам. Аудицијата беше закажана во петок во 12 часот, а јас тој петок во 11.30 полагав испит на факултет. А таму ми го одложија испитот за неколку дена. Дали се поклопиле коцките не знам, ама си реков да си ја пробам среќата, па отидоив на аудицијата. Ме застанаа пред камера, ми рекоа да им кажам кој сум, што сум, што правам, си кажав, и во понеделникот ми се јавија да ми кажат дека имаат емисија за мене. Да не беше пријателката на чичко ми, сега можеби немаше да бидам водител”.

Што има поголема магија, телевизијата или радиото? 

“И во двете има многу голема магија, неспоредливо е едното со другото. Пред некој ден разговаравме за тоа во радио, зашто поголемиот дел од колегите исто така работат и во телевизија. Јас телевизијата не би ја сменил за ништо на светот, зашто таму сум почнал и магијата што ја доживувам таму не можам да ја доживеам во радио. Двете имаат различна магија која не може да се споредува, ама двете ме исполнуваат”.

Дали имаш некој идол, некој за кого си сакал да бидеш кога ќе пораснеш?

Кога бев мал многу сакав да бидам полицаец. Идол како личност никогаш не сум имал. Многу гледав странски филмови , гледав филмови со суперхерои, ама од друга страна пак никогаш не сум се поистоветувал со некој таков. Подоцна кога почнав да работам на телевизија имав идоли и имав емисии кои што не престанував да ги гледам, од типот на Џамбазов шоу. За мене човекот е се уште број еден шоумен, како што би рекол он, шоумен без сопствено шоу во Македонија. Секогаш сум сакал да градам свој сопствен став за работите  и свој сопствен стил, кој подоцна ќе направи да бидам препознатлив.

Од каде идејата за ИДЕА ЛАБ , што всушност работи Димитар во ИДЕА ЛАБ и која е неговата главна улога ?

Првичната идеја за ИДЕА ЛАБ беше на Ема Темелковска, која имаше замисла да си започне нешто свое и да го работи тоа што го сака цел живот. Претходно со Ема имавме реализирано неколку проекти заедно, таа во PR-делот, јас како водител, но никогаш не сме седнале за да разговараме за нешто заедничко што може да прерасне во сериозна компанија. По неколку месечното договарање, решивме да започнеме и засега одлично ни оди. А што се однесува до работата на Димитар во ИДЕА ЛАБ, можам слободно да кажам дека е од местење знаменца на бандери до комплетна pr или маркетинг стратегигија. Од работа нема срам, тоа е барем моето мото =)

Беше учесник во втората сезона на Танц со ѕвездите, како дојде до тоа да го прифатиш тоа учество?

Јас ја следев и првата сезона, многу ми се допадна тоа. Втората сезона дојде многу неочекувано, прво, заради тоа што не очекував дека мене ќе ме викнат на такво нешто, второ,  јас никогаш не сум се гледал како танчер или како ѕвезда која би учествувала во такво шоу. Најголемата причина поради која што го прифатив моето учество беше предизвикот, сакав да се видам во таква улога и сакав да видам како ќе се снајдам. Од емисија во емисија се повеќе ми се допаѓаше концептот, се повеќе сакав да се докажувам и затоа со Јована која што ми беше партнерка, вежбавме по 6 до 7 часа дневно. По цел ден бевме во телевизија и се посветивме максимално на тоа и на крај тоа беше резултат да ослабам 10 кила и на некој начин да се заљубам во тоа што се нарекува танцување и подготвување кореографија.

Дали од секогаш те фасцинирала јавноста и дали можеш да се замислиш себеси да работиш работа затворен во канцеларија?

Па искрено, не можев, ама како поминува времето, гледам дека и така можам да се снајдам. Инаку, сум изјавил неколку пати, од водителството јас нема да се откажам зошто ми е првата љубов.

Кога би можел да кажеш дека си успеал во животот?

Јас сум девица во хороскоп, јас сум перфекционист и најверојатно јас никогаш нема да кажам дека успеав и ќе одмарам. Знам да ценам успех, знам да работам напорно за да стигнам до успех, ама од друга страна пак знам да се мотивирам повеќе за да стигнам до нови успешни работи и до повеќе работа која што ќе ми донесе успех. Сега, од денешен аспект, можам да кажам дека сум успешен во тоа што го правам, затоа што сум 9 години на телевизија, 6 години на радио и 2 години сум сопственик на ИДЕАЛАБ која што прилично успешно граби на пазарот. За овој период имам постигнато успеси, но тоа не е мојот максимум и знам дека можам многу, многу повеќе од ова.

Што прво помислуваш наутро кога ќе се разбудиш?

Зошто најчесто се успивам, си помислувам, кој крај да го фатам.

Каде се гледаш себеси за 20 години?

На некоја планина, во многу помирно издание…

Со кој холивудска актерка би снимил жешка сцена?

Со… порано имав список за вакви работи, сега немам некоја посебна желба… Еве оставам на холивудските актерки да одберат.

Објасни ни што е тоа судбина?

Нешто што луѓето ги тера да се откажуваат од работите и да чекаат нешто непостоечко да им ги реши проблемите.

Која историска личност би сакала да бидеш барем еден ден во животот?

Филип Втори.

Да знаеш дека утре е крајот на светот што би правел денес?

Би им кажал на сите, за да прават и тие што сакаат.

Каков е Димитар приватно?  

“Мислам дека сум истиот зашто и претходно бев оптимист и ентузијаст. Можеби само повеќе дојде до израз мојата самодоверба, зашто работата во медиум влева самодоверба.”

Брзи автомобили или мотори? 

“Возам и едно и друго, ама адреналинот на мотор е поголем, а јас сакам адреналин”.

Доколку Димитар Атанасовски не е ТВ лице , водител , ПР , сопственик на ИДЕАЛАБ … што навистина би бил ?

Би си купил 50 овци и како офчар би живеел во село =)




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.