Одбележан патрониот празник на музичкото училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп

_MG_0169

Со положување на свежо цвеќе на Паркот на Револуцијата учениците од основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп денеска го одбележаа својот патрон празник, односно 75 години од смртта на македонскиот револуционер кој е роден во Прилеп во 1921 година. Михајлоски загинал во текот на борбата кај Ореовската Корија, Битолско, на 3 мај 1942 година, кога Битолскиот партизански одред „Пелистер“ бил разбиен од страна на бугарскиот окупатор.

_MG_0240

„Во чест на нашиот патрон, револуционерот Ордан Михајлоски – Оцка дојдени сме денеска тука на Могилата каде ќе оддадеме почит за неговиот лик и дело. По овој повод нашите ученици подговија и пригодна програма. Исто така во оваа прилика сакам да го најавам и годишниот концерт на нашето училиште кој ќе се одржи на 25 мај во домот за култура „Марко Цепенков“ на кој ќе настапат 20-тина ученици кои добиле награда на некој од државните и меѓународни натпревари“, истакна Игор Николоски, директор на основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп.

_MG_0146

Михајлоски бил талентиран музичар и образован виолинист. Исто така бил и член на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ кога тој се формирал на 23 октомври 1941 година. Тој учествувал и во создавањето на песната и химната на партизанското движење во Македонија „А бре, Македонче“.

_MG_0215

„Михајлоски загинал и го дал животот за слобода на Македонија кога имал само 21 година. Тој бил и виолинист и учествувал во пишувањето на музиката за песната „А бре Македонче“. Ние како локална самоуправа не само што го одбележуваме овој патрон празник и оддаваме почит туку и доста инвестираме во музичкото училиште. Училиштето во изминатиов период комплетно беше реконструирано и во него беа вложени повеќе милиони денари. Минатата година се набави и професионален клавир. Имаме сега прекрасни услови за работа на нашите ученици, кои постигнуваат огромен успех и се вистинска гордост на нашиот град. Слободно можам да кажам ова основно музичко училиште е едно од најдобрите во Македонија“, истакна Марјан Матракоски, советник за образование во Општина Прилеп.

_MG_0230

_MG_0204

Оваа година се планирало да се дозаврши и реконструкцијата на дел од фасадата, како и да се набават нови музички инструменти за училиштето.

_MG_0246

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.